Македонски дипломат протеран од Русија

61

Русија прогласи еден вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва за персона нон грата како одговор за протерувањето на руски дипломат од земјава, соопштило руското Министерство за надворешни работи, пренесува новинската агенција „Риа новости“.

-Вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, беше повикана во руското Министерство за надворешни работи на 10 јуни, каде што ѝ беше врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата, пишува во соопштението на руското МНР кое го пренесуваат руските медиуми

Во соопштението се објаснува и дека ваквата мерка е одговор на немотивираната одлука на Северна Македонија да прогласи руски дипломат за персона нон грата.

Рускиот дипломат од земјава беше протеран на 14 мај кога амбасадорот на Русија во Скопје, Сергеј Александровиќ Баздикин, беше повикан во МНР за да му се соопшти одлуката. Тогаш му дадоа рок од седум дена да ја напушти земјава. Како причина за протерување на дипломатот беа посочени активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.