Новогодишните емисии се снимени, парите за снимањето се потрошени. Телевизиите во Македонија, по повеќегодишните критики овој пат се одлично подготвени максимално да ги развеселуваат своите верни гледачи, а изборот е навистина голем, за сечиј вкус. Само внимателно со далечинскиот управувач.

ВЕЧЕР како и секоја година така и оваа година во ова време ги следи со збор и слика, речиси сите новогодишни телевизиски снимања, емисии кои во претстојните празници (Нова година, Божик, Водици и најчестите слави Свети Никола, Свети Јован) ќе ни ја подзасилат веселата атмосфера ако, се разбира, останете дома со семејството и пријателите покрај својата софра. Новогодишните емисии се снимени, парите за снимањето се потрошени, така што телевизиите во Македонија се добро подготвени максимално да ги развеселуваат своите гледачи. ТВ Сител ќе нè развеселува со својата новогодишна, популарната „Мерак меана“, во која настапуваат голем број македонски фолк-пејачи: Ани Малинкова, Душко Георгиевски, Ирена Спасовска, Вики Среброва, Трајче Толевски, Блага Петреска…

Новоотворената „Балкан мјузик ТВ“, со својата водителка Анита Даева, која речиси се врати на малите екрани, подготви луда народна новогодишна веселба. Еден од атрактивните гости ќе биде и кралот на свирката Ферус Мустафов, кој преку својот инструмент (и преку ТВ-екраните), на гледачите ќе им ја извади и последната капка пот кога со него ќе се фатат да заиграат на звуците од познатите македонски ора….
Македонската телевизија ветува добра забава и со пејачите не само од народната туку и од забавната музика.

Во студијата на МТВ деновиве беше мошне работно, а големо внимание неочекувано предизвика една сосема несекојдневна, а сепак логично новогодишна емисија, која ја реализира српската редакција, составен дел од Македонската ТВ. Во оваа емисија на свој препознатлив и харизматичен начин настапуваат познати Македонки од српско потекло: актерката Нина Деан, водителката Миланка Рашиќ, новинарката Валентина Тодоровска, македонската убавица Вера Мештеровиќ, уредничката Биљана Тодоровиќ-Георгиевска и многу други. Секоја од овие учеснички си ги кажуваа своите искуства од поранешните пречеци на Нови години, а секоја имаше и по една музичка желба во изведба на бендот „Молика“ со Анета.

Националната ТВ ја има и емисијата “Новогодишен фолк-џубокс“, во која целата фолк-елита ќе ги забавува гледачите во најлудата ноќ, меѓу кои и: „Дрим тим“, Ленче и Горан Кукиќ, Елена Велевска, Мишко Крстевски, Анета Наковска, Виолета Томовска….

ТВ Алфа традиционално како и за секоја Нова година и овој пат ќе ни направи новогодишните и божикните празници да ни поминат убаво со повеќечасовната емисија „Вкусот на традицијата“, која со многу љубов, знаење но и со многу весела македонска песна ја осмисли и направи познатата Адријана Алачка.

Емисијата се снимаше на оригиналната локација во „Етно-село Тимчевски“ со присуство на многу публика, но и со учество на популарните пејачи: Атина Апостолова, Ибуш Ибраимовски, Орце Стефковски-Царот, Виолета Томовска, Ефто Пупиновски, Перо Христов, Нино Величковски, Серафина Фантаузо, Марјан Коцев, Јордан Митев, ѕвездата на „Гранд“ од Македонија новонадежниот Александар Темелков, како и самата Адријана…

во емисијата се пеат во живо (не на плеј-бек) и стари и нови македонски фолк хитови („Македонско девојче“, „Во црно вино утеха нема“, „Розо моја“, „Ти само, ти“, „За многу години, Македонци“, „Не кажувај либе добра ноќ“, “Јовано, Јованке“…), кои се зачинети како што личи кога е Нова година, со преполна македонска маса на која се поставени традиционални македонски јадења од вкусовите на традицијата.

Оваа општонародната празнична веселба, гледачите ќе ја видат премиерно на 1 јануари во 14 часот во топ-времето на првиот празничен семеен ручек од Новата 2020 година. Дуле М.