Во последно време допингот зазема сериозен замав во светот на спортот. Поради тоа дневниот весник „Вечер“ направи ексклузивно интервју со докторот по спортска медицина, Зоран Ханџиски, кој откри интересни детали поврзани со македонските спортисти, колку е застапен допингот меѓу нив, а воедно додаде и која е главната причина за допингуваните спортисти.

Меѓу најинволвираните во допинг-аферата се руските спортисти, на кои преку систематски допинг во 2014 година им беше изречена тригодишна суспензија од страна на ИОК и ИААФ и забрана за настап на поголемите светски натпреварувања, од ЛОИ 2016, ЗОИ 2018, до СП под руско знаме, па затоа истите можеше да се натпреваруваат само како индивидуални спортисти. Но, и во нашата држава се почесто се „ловат“ допингуваните спортисти од страна на националната антидопинг комисија.

Фото: Ѕ Плавевски

Како може да го дефинираме допингот?

Допингот, борбата против допинг и воедно што е допинг е регулирано со антидопинг кодот кој што многу одамна е донесен и значи користење на недозволени средства, методологии или активности кои се наоѓаат на позитивната допинг листа. Тој секоја година се обновува од страна на Светската антидопинг агенција, каде што во извесни периоди се проширува сето она што значи повреда на допинг правилата, односно на она што всушност значи допинг, почнувајќи од користење на средствата кои се забранети, тргување со тие средства, избегнување на допинг-контрола… Во денешно време е забрането и да се дружиш со лица кои се допингувани. Тоа значи дека под допинг се подразбира не само користење на недозволени супстанции кои се на допинг-листата туку и прекршок на други активности. Но, главно, под допинг подразбираме користење на недозволени средства, иако не смееме да ги запоставиме и останатите наведени работи. Борбата на допингот се однесува на две нивоа, едното ниво е допинг – контрола, додека другото е едукација. Денес се смета дека едукацијата е поважен дел, затоа што, особено во нашата земја, поради недоволно финансирање, спортистите не се едуцирани.

Колку често се прават допинг-тестови во македонскиот спорт и колкав е процентот на позитивни примероци?

Од година во година се зголемува бројот на контролите што ги спроведуваме. Прв пат во Македонија допинг-контроли започнаа на ниво на Фудбалската федерација (ФФМ), од комисијата за допинг која се наоѓа при ФФМ. На првото тестирање се соочивме и со еден позитивен тест, но сега е раширено и има поголем број на контроли. Ние моментно функционираме како национална допинг комисија, не како агенција, но сите препораки налагаат дека ќе мора тоа да го направиме, бидејќи значително се зголемуваат потребите за допинг. Ние сме единствените во регионот, со исклучок на Косово, кои официјално немаме агенција туку имаме само национална антидопинг комисија. Меѓутоа, од поодамна ги спроведуваме овие работи без разлика што не сме агенција. Инаку, кога станува збор за допинг контроли, тоа се подразбира за контроли кои се прават за време на натпревар, каде по случаен избор избираме одредени играчи, и она кое дополнително ја подобрува допинг контролата се оние контроли надвор од натпревар, каде што речиси сите наши екипи кои што учествуваат во елитните натпреварувања мораат да ги прават. Овие контроли можат да се спроведат било кога, во било кое време, наутро во пет, шест, седум, а истите се директно контролирани од страна на ВАДА. За разлика од првите, каде контролата се спроведува на два до четири играчи, на вторите може да се направи тестирање на десет играчи од тимот. Исто така почнавме да спроведуваме и крвен допинг, во зависност од тоа какви се допинг потребите. Кога зборуваме за користење на допинг во Македонија, сметам дека главен проблем е неедуцираноста. Затоа секој тим мора да знае се што консумира нивниот играч во текот на денот. Ќе кажам еден банален пример што сè се случи кај нас: „Играчот добива температура, вечерта во 22 – 23 часот го носат во амбуланта, докторот му става „кортико“, иако тоа не е третман за лекување, му се намалува температурата, а тој во принцип е три до шест месеци допингуван“. Затоа, едукацијата е главен проблем. Не смее играчот од клубот на своја волја да зима терапија, мора докторот да биде информиран. Ќе споменам уште еден пример. Одиме на допинг – контрола во ФК Работнички, кој имаше европски квалификации со Лил, еден од нивните фудбалери си земал капки од аптека, меѓутоа добро е што ме информираа, а во самите капки имаше од забранетата супстанца „ефедрил“. Се вративме, земавме други капки, а наредниот ден беше извлечен на допинг – контрола. Замислете да зимаше од тие капки, ќе беше позитивен на стимуланс и ќе значеше дека е допингуван. Инаку, најголем дел од забранетите супстанци всушност се лекарства кои ние ги користиме за лекување. Тие не смеат да се употребуваат единствено доколку спортистот е болен. На пример: дијабетичар, мора да зима инсулин, а тој се наоѓа на позитивната допинг листа, па затоа ќе мора да ја пријави целата документација за негово користење и потоа ние му даваме дозвола за одредено консумирање. Пред да не извести, единствено смее да користи забранети супстанци доколку неговиот живот е загрозен, како на пример го каснала оса, пчела, па како превентивна супстанција го искористил лекот кој е забранет, но притоа мора потоа да има силни докази за таквиот проблем.

Во кој спорт има најмногу допингувани спортисти?

Во сите спортови има многу позитивни примероци. Генерално, кај нас не е многу голема бројката на допингувани спортисти, бидејќи речиси и да не можете да се сретнете со средство кое е на листата на современите допингувања.

Кои се најчесто користените допинг-супстанции?

Првото допинг средство кое го откривме беше кај голман на ФК Работнички, поради тоа што користел „салбутамол“, супстанција која ги проширува бронхите, може повеќе да внесува кислород, а со тоа има и поголема концентрација. Од такво средство имаше и смртен случај во Шпанија, каде фудбалер почина на среде натпревар. Кај нас генерално се користело таа супстанца, а исто така фативме и спортисти кои користеле „стероиди“, „ефедрини“. Сепак, кај нас се ниски нивоата на користење на вакви супстанци, сепак казните за вакво нешто се од 3-4 години. Исто така имавме и случај со „диуретик“ со кое што се зголемува мокрењето, а ова најмногу го користат спортисти во кои телесната тежина има пресудно значење, на пример во боксот. Меѓу поновите случаи имаме и користење на забранети супстанции преку чаеви кои содржат одредени средства за слабеење. Интересен е и случајот со Работнички, каде што од една куќа им беа дадени суплементи и без знаење си земале на своја рака, и на крајот истата 2011 година беше регистриран допингуваниот голман.

Според Вас дали руските спортисти се казнети правилно и што треба да направат за повторно да се натпреваруваат под своето знаме на ОИ?

Последниот руски случај беше класична измама, со претседател на спорт, министер за спорт и сè друго. Нивната лабораторија која е во Москва моментно е суспендирана, а ќе биде и во иднина, бидејќи во секоја лабораторија се чуваат примероците до десет години. До сега не се покажало дека допингот направил сериозни успеси, единствено во спортовите кои што е потребна издржливост, како на пример во нордиско скијање, биатлон… Главните приказни со допингот започнаа во велосипедизмот, односно со познатата приказна на Ленс Армстронг, откако британски новинар по долги студии откри дека најголемите имиња во велосипедизмот се допингуваат.

Дали во иднина може да очекуваме зголемено користење на допингот и кои ќе бидат последиците од тоа?

Борбата со допинг е сериозна и дава сериозни резултати иако често пати се слушаат различни местенки дека некои лица постојано зимаат допинг. Еве ќе ви кажам еден пример: Меси и Роналдо имаат милион контроли во текот на нивната кариера, но никогаш не паднале на допинг. Сега сите играчи мораат да имаат спортски пасош, кој од страна на ВАДА е заверен самиот играч, па затоа постојано се прават различни анализи врз него.

Славе ТАСЕВСКИ, Кристијан ТРАЈКОВСКИ