Македонските граѓани најмногу заштитени од вакцините на Фајзер и Синовак, илјадници луѓе се спасени од смрт

Ефективноста на вакцините во спречување хоспитализација од ковид-19 е над 91 процент

1729

Во врска со ефикасноста на вакцините во земјава во зависност од производителот „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“ покажале поголема ефикасност и спречување на хоспитализации во земјава, која е над 92 % за разлика од „СпутникВ“ и „Синофарм“, која е над 80%. Од вакцинираните лица во Македонија најмногу примиле вакцина на „Фајзер“ и „Синовак“. Но генерално, како што покажала првичната сеопфатна анализа на ефективноста на вакцините кај македонската популација во спречување тешка болест, хоспитализација и смрт од вирусот сите, без разлика на производителот, имаат високо ефикасност

 

Во Македонија, од почетокот на пандемијата 26 февруари 2020 година до 30 септември годинава, хоспитализирани се вкупно 30.136 лица, а од нив 6.542 починале, што претставува 21,7 % од хоспитализираните. Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година, а 56,5% од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14,8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од 8 дена по хоспитализација. Просечната возраст на умрените од коронавирусот, заедно со оние кои не се хоспитализирани, изнесувала 70 години, половина од умрените биле под 71 година, најмладиот починат бил на 15 години, а најстариот на 99 години.

Овие најнови податоци се дел од првичната сеопфатна анализа на ефективноста на ковид-19 вакцините во спречување хоспитализација и смрт од вирусот која е направена на македонската популација. За потребите на анализата следени се сите корисници на националниот електронски здравствен систем „Мој термин” од денот на првата регистрирана вакцинација -15 јануари до 30 септември 2021 година. Во овој временски период од вкупно 16.691 хоспитализации, 1.114 биле вакцинирани, а 15.577 биле невакцинирани.

-Грубата процена на ефективноста на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 88.727% (95% интервали на доверба). Постарата возраст и машкиот пол значително ја намалуваа ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаа околу 76% поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години. Исто така мажите имаа околу 23% поголем ризик од хоспитализација од жените. Генерално ефективноста на вакцините во спречување хоспитализација од ковид -19 е над 91 процент – потврдува анализата.

Во врска со ефикасноста на вакцините во зависност од производителот „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“ покажале поголема ефикасност и спречување на хоспитализации, која е над 92% за разлика од „СпутникВ“ и „Синофарм“, која е над 80%. Од вакцинираните лица во Македонија најмногу примиле вакцина на „Фајзер“ и „Синовак“.

Генерално вакцините од различните производители немаа големи разлики во нивната ефективност во спречување смрт од вирусот, но имаа разлики во спречување хоспитализација. Анализата исто така велат дека една доза вакцина против коронавирусот е недоволна за спречување тешки исходи од болеста.

Што се однесува на смртноста во земјава од опасниот вирус, анализата исто така покажува дека во првите девет месеци од 2021 година од вкупно 3,947 регистрирани смртни случаи на вирусот само 179 смртни случаи беа регистрирани кај 712.587 индивидуи кои биле целосно вакцинирани (0,0251%), додека 3.642 смртни случаи беа регистрирани кај 1.106.574 индивидуи кои биле невакцинирани (0.329%).

Вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари беа вклучени во анализата, вклучувајќи 779.558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1.106.566 невакцинирани испитаници. Истражувањето го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

(В.Ма.)