Македонските граѓани купиле земјоделско земјиште за 31 милион евра

Во првите девет месеци лани истргувани се вкупно 11.669.588 квадратни метри земјоделско земјиште, што значи дека во просек квадратот се продавал за 2,6 евра

124

Околу 31 милион евра потрошиле македонските граѓани на купување земјоделско земјиште во првите девет месеци од минатата година. Според површината, земјоделското земјиште е најтргуваната недвижност во државата, покажува Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижнини.

Во деветмесечниот период истргувани се вкупно 11.669.588 квадратни метри земјоделско земјиште, што значи дека во просек квадратот се продавал за 2,6 евра. Вистински бум во продажбата на земјоделско земјиште имало во првите три месеци од годината, кога се продадени над пет милиони квадрати, за во наредните две тримесечја трансакциите да се стабилизираат на нешто над три милиони квадрати.

Од вкупниот број трансакции со сите видови недвижности во првата половина од годината на трансакциите со земјоделско земјиште отпаѓаат по 35 процента, што во однос на крајот на 2018 година е зголемување за два процентни поена, додека пак во третиот квартал има драстичен пад од седум проценти на учеството на земјоделското земјиште на пазарот на недвижности и негово сведување на 28 проценти.

Трансакциите со станови се на второ место, со исклучок на третиот квартал кога стануваат најбројни со раст од седум проценти во однос на вториот квартал. Инаку, во деветте месеци од 2019 години, за кога е статистиката од Регистарот на цени и закупнини истргувани се станови со вкупна површина од 305.000 квадратни метри по вкупна цена од околу 216 милиони евра. Пресметките покажуваат дека лани станбениот квадрат низ државата во просек се продавал по 708 евра.

– Ако се разгледа продажбата на недвижностите по типови на продажба, може да се забележи дека најголемиот број продажби припаѓаат на продажба на станови, односно 41%. Компарирано со вториот квартал од 2019 година, во третиот квартал од 2019 година имаме зголемување на продажба на станови за 7%. Што се однесува до земјоделското земјиште, во вториот квартал од 2019 година тие опфаќаат 35% од вкупниот број продажби, додека во овој период има регистрирано намален процент на учество на земјоделското земјиште во пазарот на недвижности за 7%, односно опфаќаат 28%. Градежното земјиште во овој квартал учествува на пазарот на недвижности со 14%. На пазарот со недвижности уште учествуваат куќите со 10%, деловните простори со 4% и останатите недвижности со 3% од пазарот на недвижности. Сепак, најголем дел од пазарот заземаат земјоделското земјиште и становите кои заедно сочинуваат 69% од пазарот за продажба на недвижности, стои во извештајот од Регистарот на цени и закупнини за третиот квартал од минатата година.

(С.В.)