Македонските граѓани заминуваат на скијање на Копаоник и Златибор-Шапка и Маврово се веќе полни

Приватните и хотелските сместувачки капацитет во нашите зимски туристички центри се пополнети до крајот на јануари, а освен домашни гости има и гости од Украина, Белорусија, Молдавија и од регионот. Од туристичките агенции велат дека освен за домашните туристички центри голем интерес има и за Копаоник и Златибор. Но, иако се очекуваше поради пандемијата цените во овие центри да бидат намалени, сепак тоа не се случи. Цените за зимување на Копаоник се движат од 40 евра, па нагоре, за една ноќ

173

Снегот кој падна неделава ги наполни нашите зимски туристички центри. Приватните и хотелските сместувачки капацитет се пополнети до крајот на јануари, а освен домашни гости има и гости од Украина, Белорусија, Молдавија и од регионот. Од туристичките агенции велат дека освен за домашните туристички центри голем интерес има и за Копаоник и Златибор, особено последниве денови откако соседна Србија дозволи влез за македонските граѓани без ПСР тест.

Сите ски-центри се подготвени за зимската туристичка сезона која е во тек. На Попова Шапка и Маврово полни се и приватните и хотелските сместувачки капацитети, а до крајот на месецот пополнети се и капацитетите во Крушево, Берово, Пониква… Од ски-центарот Попова Шапка каде скијачката сезона почна од средината на декември велат дека создадени се услови за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за новата ски-сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки. Во функција се и жичарниците „Св. Илија“ и „Церипашина“ и ски-лифтовите „Аеродром“ и „Ге“.

Минатогодишниот сезонски ски-билет за Попова Шапка ќе важи и оваа скијачка сезона, а останатите билети остануваат со иста цена. Новина е можноста за туристички разглед со снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.

Сместувачките капацитети во зимските туристичките центри се исполнети со групи туристи од Украина, Белорусија и Молдавија, како и од Косово и Албанија. Со олабавување на мерките очекуваме и зголемување на бројот на туристи од Србија, Црна Гора и другите држави од регионот. Странските туристи кои најчесто имаат седумдневни аранжмани престојуваат во хотели, додека пак домашните туристи покрај хотелско користат и приватно сместување, а нивниот престој го комбинираат со нивните работни обврски, за викенд, на еден ден итн., вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

И од туристичките агенции очекуваат дека со почитување на протоколите може да имаме успешна зимска туристичка сезона 2021 година, за која веќе имаат петдневни и седумдневни аранжмани за Пелистер, Маврово, Попова Шапка, Крушево…

Голем интерес од македонските граѓани има и за зимските туристички центри во соседна Србија, Копаоник и Златибор. Но, иако се очекуваше поради пандемијата цените во овие центри да бидат намалени, сепак тоа не се случи. Цените за зимување на Копаоник се движат од 40 евра, па нагоре, за една ноќ.

Од туристичките агенции велат дека има интерес за патување, но побарувачката за аранжмани оваа година е многу помала, за разлика од претходните.

(А.С.)