Македонските градови како гасни комори, Скопје прв во светот!

Од ден во ден Скопје се наоѓа при врвот на градови во Европа и светот според високите концентрации на загадени честички кои директно го засегаат најскапото нешто – здравјето. И другите македонски градови се како гасни комори. Повеќе од Скопје воздухот е загаден во Струмица, Кичево и Тетово, а слични се состојбите во Кочани и Битола 2. Од 02 Иницијатива велат дека од година в година постои тренд на намалување на аерозагадувањето, но тоа и натаму е високо и потребни се посериозни мерки за состојбата да се промени. Но, место да се зголемува буџетот за животна средина за Скопје, тој е преполовен за оваа година што значи дека ќе се молиме на ветерот да ни ги оддува отровите што ги дишеме

208

Загадувањето на воздухот во Скопје останува горчлива и алармантна тема, која директно го засега најскапото нешто – здравјето на скопјани. Маглата која ја покри скопската котлина само кумуваше аерозагадувањето да го достигне плафонот и македонската метропола да се искачи највисоко на листата на IQAir на  најзагадени градови во светот со 208мг/м3 ПМ 2 честички, а во одредени периоди во ноќните часови и на првото место во Европа со индекс на квалитетот на воздухот од 156.

На листата Скопје е во „друштво” на повеќемилионски градови од Азија кои се и индустриски центри. Неквалитетен воздух се дише и во Сараево и Белград, кои се на 19 и 20 место, како и во Приштина и Софија на 23 и 24 место.

И другите македонски градови се како гасни комори. Повеќе од Скопје воздухот е загаден во Струмица, Кичево и Тетово, а слични се состојбите во Кочани и Битола 2. Струмица е во алармантна состојба по однос на загадувањето со ПМ10 од 24 декември до денес, без престан, но Министерството за животна средина ја објавила само алармантната состојба за 24 декември. Прагот на алармирање за ПМ10 се смета за надминат после два дена со дневни концентрации над 150 мг/м3.

Не се објавени алармантните состојби за Скопје за 25 и 26 декември, за Тетово од 23-25 декември и 27-28 декември 2022, за Гостивар за 3-4 јануари и Битола за 2 јануари и вчера, 5 јануари 2023.

И додека речиси секојдневно слушаме и гледаме како сме први по аерозагадување, од 02 Иницијатива направиле споредба од 2005 до 2022 година служејќи се со податоците од Министерството за животна средина.

Дали загадувањето на воздухот со ПМ10 честички се намалува или се зголемува?

– Главен тренд е на намалување, наспроти субјективното чувство дека е исто или полошо. Најниски вредности за Скопје, Миладиновци, Кочани, Битола, Тетово, Гостивар се регистрирани во изминативе две години. За Кавадарци и Велес во 2016, Кичево во 2018, Струмица во 2019. Троцифрените вредности за ПМ10 се јавуваат кога индустријата работи без филтри – велат од 02 Иницијатива.

Податоците покажуваат дека законски пропишани вредности до 40 мг/м3 годишно, за 2022 година имаме во Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 1, Лазарополе и Берово. Најверојатно тука се и Кочани и Гевгелија, но за нив нема доволно мерења во 2022 година. До 2017 година само Лазараполе го постигнувал законскиот лимит.

– Највисоки вредности во 2022 година имаат Струмица и Кичево. Во однос на годишните вредности за ПМ10 според Светската здравствена организација до 15 мг/м3, само Лазарополе го исполнува тој услов – покажуваат податоците.

На што се должи главниот тренд на намалување на загадувањето не може да се каже точно, но временските прилики играат клучна улога. Но, сериозен проблем за вистинско споредување на просечните годишни вредности се бројните денови без податоци. Мониторинг системот на МЖСПП никако да се доведе во состојба на континуирано мерење, постојано има празнини и не е можно точно детерминирање на вредностите и нивно споредување.

Дека воздухот во македонските градови нема да се подобри во брзо време, потврди и државната секретарка во МЖСПП, Каја Шукова, која смета дека потребни се помеѓу 10 до 30 години за еден град да го реши проблемот со аерозагадувањето, а милионските градови над 20 години, според искуствата на другите градови во светот.

– Пекинг е град со над 21 милион жители, кој беше на врвот на најзагадени градови во светот и кој за 10 години го доведе аерозагадувањето во национални граници. Скопје според последниот попис има блиску до 527 илјади жители, Струмица 50 илјади и многу често се наоѓаат на листите на најзагадени градови. Ова не се милионски градови и ако Пекинг успеал во рок од 10 години да се справи со најголемиот дел од аерозагадувањето, ние до сега требаше. Не може постојано да почнуваме од нулта точка и да броиме од денес. Не. Само ние како активисти притискаме на оваа тема 10 години. Оваа власт е на позиција 6 години. Но ние и денес немаме јасна и прецизно разработена стратегија како ќе се реши овој проблем  – велат од 02 Иницијатива.

За домаќинствата, на кои отпаѓа околу 50-60 проценти од аерозагадувањето во зима според направените анализи, решението до лани беа инвертори. За сега министерот за животна средина, Насер  Нуредини вели дека гасификацијата ќе биде решението, во време кога Европа, САД, Британија одат кон забрзано намалување на употребата на гасот за греење и негова замена со топлотни пумпи, заедно со обновливи извори на енергија, а за индустријата и транспортот се оди кон водород.

– Затоа тапкаме во место и немаме резултати кои до сега требаше да ги имаме. Нема една јасна стратегија која ќе се спроведе од година в година, со јасни таргети и следење на прогресот на месечно и годишно ниво. Затоа Пекинг успеал за 10 години, и не само Пекинг, голем број на градови во Кина, а ние по којзнае кој пат се премислуваме кој ќе биде начинот, за годишни таргети и да не зборуваме.  Гасот не е и не може да биде решение за домаќинствата, особено не денес и утре. Додека паушално го третираме проблемот, резултати нема да видиме и времето ќе не јаде сите и само ќе се продолжи со зборувањето дека треба време за да се надмине проблемот, дека не може преку ноќ. Само што еве ние 10 години поминавме слушајќи го истото адаџо, а ноќта се претвори во една цела декада – потенцираат од 02 Иницијатива.

И додека граѓаните дишат енормно загаден воздух, партиите се напаѓаат едни со други, префрлајќи си ја вината. И така е со години. Љубица Јанчева, советничка од СДСМ во Град Скопје вели дека буквално една година е потрошена на кавги за тендери и провизии, а за загадениот воздух локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не направи ништо. Вели дека наместо да го зголемува, Град Скопје го намалува буџетот за животна средина за 44 проценти, односно за оваа година на градските власти за справување со оваа појава на располагање и се само 49 милиони денари (околу 800 илјади евра).

– Ваквото намалување на средствата е сериозен удар врз капацитетите коишто се борат против загрозувањето на животната средина, а со ваквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, Скопје уште долго време ќе биде на врвот на најзагадени градови во светот – смета Јанчева.

Левица побара итна вонредна седница на Советот на Општина Ѓорче Петров за справување со токсичниот воздух.

– Во време на зимски распуст децата кои за жал се најзастапени во пиар „стратегијата“ на градоначалникот Стојкоски – сега мораат да распустот да го поминат затворени по препорака дека не треба да излегуваат надвор поради токсичниот воздух – велат од Левица и бараат да се свика вонредна седница на која ќе се изготви стратегија, ќе се преземат итни мерки за справување со токсичниот воздух во Општината и ќе се заштитат жителите.

(С.Бл.)