Македонскиот јазик 35 години се изучува на Истанбулскиот универзитет

181

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ одбележува уште еден голем јубилеј – 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет.

По овој повод, на 11 јуни, со почеток во 10 часот, преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан посветен на лекторатот по македонски јазик во Истанбул. Настанот ќе го отвори ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што свои обраќања ќе имаат и ректорот на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Махмут Ак и генералниот конзул на Македонија во Република Турција, д-р Актан Аго. Осврнувајќи се на овој голем и исклучително значаен јубилеј кој се случува во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, пред учесниците на настанот ќе се обратат и деканот на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Хајати Девели и деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, проф. д-р Анета Дучевска. Во вториот дел од настанот свои излагања ќе имаат директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, на тема: „Конески – мостот меѓу двата универзитета, меѓу Скопје и Истанбул, меѓу двете земји и двата народа“ и раководителот на Катедрата за словенски јазици и литература, во чии рамки е Катедрата за македонски јазик и книжевност на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Емине Инанир, на тема: „35 години изучување на македонскиот јазик во Истанбул во светлина на 100 години од раѓањето на Блаже Конески“.

Потоа, со свои излагања за работата на лекторатот по македонски јазик во Истанбул, настанот ќе го збогатат: раководителот на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Ѓонул Узелли, некогашниот лектор по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Гордана Алексова и сегашниот лектор, м-р Марина Цветаноска. „Особено радува што свое учество и на овој настан ќе имаат студенти кои го изучуваат македонскиот јазик на Истанбулскиот универзитет – Ајтен Атмаџа, која ќе настапи со песната ‘Убавите жени’ и Сила Екин со песната ‘Пеперуга’ од Блаже Конески“, посочуваат од МСМЈЛК.

Овој значаен јубилеј – 35 години македонистика на Истанбулскиот универзитет, кој се одбележува во годината кога се чествува стогодишнината од раѓањето на Конески е уште еден показател на одличната соработка меѓу УКИМ и Истанбулскиот универзитет, како и на мостот меѓу двете земји и култури, што и обврзува и понатаму да се создаваат и поддржуваат нови генерации проучувачи на македонскиот, но и на турскиот јазик, литература и култура во двете земји.