Јазикот е најголемото обележје на националниот идентитет, но, за жал, Македонците во Албанија и понатаму не може да се образуваат на мајчиниот јазик, порача  македонското друштво „Илинден“-Тирана по повод одбележувањето на 26 септември, Ден на европските јазици. Центарот за македонски јазик во Грција, пак, минатата недела започна со бесплатни онлајн курсеви по македонски јазик за почетници. Ова покажува дека продолжува битката за регионална афирмација на македонскиот јазик наспроти обидите за негирање на неговата посебност.

Македонско друштво „Илинден“-Тирана, по повод одбележувањето на 26 септември, Ден на европските јазици, денеска упати честитка до сите Македонци со порака да го зачуваат мајчиниот јазик, бидејќи, како што посочува, тоа е најголемото обележје на националниот идентитет, но и да научат и други јазици, зашто тоа е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање.

-Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката на друштвото потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Се додава дека важноста на јазичната разновидност и повеќејазичноста е нагласена на Европскиот ден на јазиците, кој секоја година се слави со разни настани на 26 септември, по иницијатива на Советот на Европа од 2002 година. Од Друштвото посочуваат дека јазичната разновидност е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент.

По повод овој ден Друштвото потсетува дека, за жал, и во 21 век Македонците во Албанија не може да се образуваат на мајчиниот јазик.

– И покрај континураните барања во изминатите три децении од падот на тоталитарниот режим да се овозможи настава на мајчин македонски јазик, сите досегашни албански власти остануваат глуви и слепи на реалноста. Освен за децата во Пустец иако и таму нецелосно, настава на македонски јазик нема ниту во Гора, ниту во Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, а да не зборуваме за Тирана, Елбасан и други градови каде што живеат илјадници Македонци, забележува друштвото „Илинден“.

Минатата недела, пак, Центарот за македонски јазик во Грција започна со бесплатни онлајн курсеви по македонски јазик за почетници. Курсот е наменет за граѓаните на Грција кои имаат малку или немаат воопшто познавање на стандардниот македонски јазик, за сите возрасни групи. Сите лекции се достапни во ПДГ формат PDF и видеоформат. Наставниот јазик ќе биде грчкиот. За пристап до материјалите на курсот, од учесниците се бара да се регистрираат, користејќи валидна е-пошта.

Центарот за македонски јазик во Грција е локална невладина организација основана во 2022 година од граѓани на Грција, чија примарната цел е зачувување и негување на македонскиот јазик во Грција. Активностите на Центарот се групирани во три основни области: образование, застапување и документација. Центарот ќе дава поддршка во напорите и легитимните заложби за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основно и средно) и универзитетите во Грција, лоцирани во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Поддршка за идното можно основање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постојните универзитети во Грција, во насока на обучување и образовно квалификување на локални наставници по македонски јазик, како и подготовка на соодветна наставна програма и наставни материјали.

Центарот дава поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.

Се планираат и јавни кампањи за пробив и унапредување на јавната употреба на македонскиот јазик во Грција од страна на неговите говорители, вклучително и преку употреба на традиционалните топоними на населените места во северна Грција, заедно со сегашните топоними. Веќе се работи и на дигиталната база на податоци за традиционални топоними и утврдување на областите, околиите и населените места во Грција каде што се зборуваат македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности во поголема или помала мера. Дигитално ќе бидат документирани и различните дијалекти на македонскиот јазик коишто се зборуваат во Грција за архивски и истражувачки цели.

Ќе се документираат сите поединечни случаи на кршење или попречување на човековите права врз етничките Македонци, говорителите на македонскиот јазик и граѓаните на Грција, како и говорот на омраза во јавната сфера насочен кон нив од разни јавни или приватни ентитети, соопшти Центарот за македонски јазик во Грција.

(И.С.)