Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, од следната академска година, македонскиот јазик ќе може да го изучуваат сите студенти на Истанбулскиот универзитет коишто се заинтересирани за македонистиката. Досега, македонскиот јазик можеа да го изучуваат само студентите на Факултетот за литература, а од есен, преку нови предмети во четири семестри, македонистиката ќе може да ја изучуваат и студентите од сите факултети.

– Минатата година, кога одбележавме 35 години од отворањето на лекторатот по македонски јазик во Истанбул, се обврзавме дека ќе ја продлабочиме соработката и дека ќе продолжат вложувањата во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката на Истанбулскиот универзитет. Драго ми е што годинава, она на што се обврзавме следејќи го и заветот на Блаже Конески, веќе се остварува. Со можноста македонистиката да ја изучуваат студентите од сите факултети на Истанбулскиот универзитет, се покажува дека искажаната заемна решеност не е само формална туку и суштинска, втемелена на одличната повеќедецениска соработка помеѓу двата универзитета, пред сè во сферата на македонистиката  – истакна директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа упати и благодарност до своите колеги од Истанбул.

– Од името на МСМЈЛК, искажувам благодарност до раководителката на Одделот за словенски јазици, проф. д-р Емине Инанир и до раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Туркан Олџај, затоа што застанаа зад иницијативата, со тоа потврдувајќи дека поддршката за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура е непрекината и се зголемува. Но, морам да го истакнам и влогот на новата лекторка, д-р Габриела Ивановска, којашто и ги подготви предметните програми за новите предмети – посочи, меѓу другото, Мојсова-Чепишевска.

Радува фактот, додава таа, што за неколку месеци, преку новите предмети, на Истанбулскиот универзитет, заинтересираните студенти од сите факултети не само што ќе може да го изучуваат и надградуваат знаењето на македонскиот јазик туку и на соодветно академско ниво потемелно да се запознаат и со севкупната македонска култура.