„Би било убаво на начинот на којшто сега се чествува Шарл Перо на ИНАЛКО да се случи и чествување на нашиот Марко Цепенков и тогаш запишаното или напишаното од него да го слушнеме и во нов превод на француски, како што минатата година, во организација и издание на МСМЈЛК, дел од творештвото на Блаже Конески слушнавме и прочитавме во нови преводи на 11 јазици и како што низ годините, на нашите школи е остварено со творештвото на низа македонски современи автори, а годинава се работи и на преводи од творештвата на Васил Иљоски и Горан Стефановски“, вели директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска

Македонскиот јазик е вклучен во важен француски проект посветен на сказните на Шарл Перо, којшто се спроведува од страна на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, што важи за еден од најреномираните филолошки образовни и научни центри во Европа. По повод Меѓународниот ден на преводот, на сцената на големиот настан во организација на ИНАЛКО, „Гласовите на сказната“, во Париз, сказната „Самовили“ на родоначалникот на современата европска сказна, Шарл Перо, ќе биде презентирана и во превод на македонски јазик, како и на уште неколку други  јазици. Преводите се подготвени во рамките на проектот, со активна вклученост на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), поздравувајќи го овој значаен проект од меѓународно значење, во пресрет на големиот настан искажува увереност дека успешната соработка со ИНАЛКО на којшто македонскиот јазик се изучува веќе речиси половина век, ќе се интензивира и преку вакви големи проекти што придонесуваат за заемна промоција и афирмација на книжевните и воопшто на културните вредности.

„По вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција со што на ИНАЛКО е гарантирана нејзината заштита и зачувување, како и нејзината самостојност, вклучувањето на македонскиот јазик во овој значаен проект посветен на една од најзначајните личности од европската книжевна историја е уште една потврда на статусот којшто македонскиот јазик го има на оваа реномирана европска високообразовна и научна институција. Како Семинар искажуваме задоволство и благодарност што преку нашиот лекторат можеме да придонесеме во успешното остварување на овој голем проект и што едно од најпознатите дела на Шарл Перо, и среде Париз ќе се слушне и доживее и на македонски. За нас е и гордост што на големата сцена, во чествувањето на Перо ќе се слушне македонскиот збор…“ – истакнува директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Следната година ќе се одбележат 50 години македонистика на ИНАЛКО во Париз – јубилеј којшто и обврзува, како што напоменува Мојсова-Чепишевска, и тоа не само за негово достојно одбележување туку и за натамошни уште поголеми вложувања во македонистиката во Франција. Но, ваквите значајни проекти каков што е овој за Шарл Перо, како што укажува таа, овозможуваат перспективи и натамошно продлабочување на соработката, водејќи до нови идеи.

„Овој проект води и до нови идеи, од коишто еден дел можат да се иницираат и во натамошната соработка, а можат да бидат поттик и за новите генерации книжевни преведувачи. Сказните напишани или запишани од Перо не се само за деца, но се исклучително важни за постулирањето на книжевноста за деца и се вградени во темелите и на современата книжевност наменета и за најмладите читатели. А токму преку книжевноста за деца може и треба да се градат мостовите за афирмација на националните книжевности и култури пред новите генерации, како преку потврдените книжевни вредности коишто се дел од националната книжевна класика, така и преку најновите остварувања создадени во времето на денешните деца. Оттука, во времето пред нас може и треба да се вложува и во нови преводи на книжевноста за деца и од македонски и на македонски јазик, на што како Семинар веќе се обидуваме да поттикнеме во соработката со странските универзитети, но секако, потребни се вложувања и од други институции. Би било убаво на начинот на којшто сега се чествува Шарл Перо на ИНАЛКО да се случи и на УКИМ чествување на нашиот Марко Цепенков и тогаш запишаното или напишаното од него да го слушнеме и во нов превод на француски, како што минатата година, во организација и издание на МСМЈЛК, дел од творештвото на Блаже Конески слушнавме и прочитавме во нови преводи на 11 јазици и како што низ годините, на нашите школи е остварено со творештвото на низа македонски современи автори, а годинава се работи и на преводи од творештвата на Васил Иљоски и Горан Стефановски“, нагласува Мојсова-Чепишевска.

Во овој контекст, значајно е да се напомене дека на дел од странските универзитети, изминатите години има зголемен интерес за македонската книжевност за деца, како резултат и на вклучувањето на книжевноста за деца во рамките на школите на МСМЈЛК, за што сведочи и двојазичниот избор од македонската поезија за деца којшто се подготвува на универзитетот во Љубљана.

Инаку, големиот настан организиран од ИНАЛКО, „Гласови на сказната“, на кој значаен сегмент од творештвото на Шарл Перо, во Париз, ќе биде презентиран и на македонски јазик, ќе се одржи на 30 септември, а преводот е координиран и работен под менторство на лекторот по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески. Мото на настанот е мислата на филозофот Лудвиг Витгенштајн: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот“, при што на сцената, сказна од Перо ќе се слушне на повеќе од 20 јазици. Во рамките на проектот, следната година, во Париз ќе се одржи и симпозиум посветен на творештвото на Перо.