„Интересно е што како млад во 1969 работев со Мирковиќ- Петек и екипа од Републичкиот завод за заштита на спомениците. Се работеше на архитектурата и откривањето на фрескоживописот кој беше целосно покриен со варов малтер, така што многу фрагменти се откриени од најстар период, но и од подоцнежниот. И тогаш се работеше три години во етапи, а фрескоживописот кој беше од 11, 12 и 19 век беше заштитен“, вели конзерваторот Никола Кекеноски

Во селото Велјуса кај Струмица се наоѓа средновековен храм од 11 век “Св. Богородица Милостива (Елеуса)“, кој го посетил лично и на неговата убавина му се восхитувал, византискиот цар Мануил Први Комнен.

При неговата посета во 1091 или 1094 година својот восхит го овековечил во писмените записи. Токму деновиве во рамките на комплексниот проект за обновување на црквата, финансиран со грантот од американска амбасада, стартуваат активностите за реставрација на храмот и заштита на богатиот фрескоживопис од три периоди. Она што е интересно е дека на конзервацијата на фрескоживописот ќе работи конзерваторот Никола Кекеноски, кој точно пред половина век заедно со познатите историчари и конзерватори од тој период работел на неговото откривање и неговата заштита.

„Интересно е што како млад во 1969 работев со Мирковиќ-Петек и со екипа од Републичкиот завод за заштита на спомениците. Се работеше на архитектурата и откривањето на фрескоживописот кој беше целосно покриен со варов малтер, така што многу фрагменти се откриени од најстар период, но и од подоцнежниот. И тогаш се работеше три години во етапи, а фрескоживописот беше заштитен. Сепак, по 50 години со тек на време се појавени мали оштетувања и сега ќе започнеме со тие интервенции. Поточно, ќе видиме што е најпотребно да се заштити за да може понатаму да се продолжи со активностите во храмот“, вели конзерваторот Никола Кекеноски. Тој посочи дека се работи според проектот одобрен за фрескоживописот кој датира од три временски периоди од 11, 12 век и 19 век, а кој е започнат во 2017.

„Во моментот работиме на заштитата на најстариот фрескоживопис. Пред една година е работено во куполниот дел од црквата и тој дел е завршен. Сега започнуваме во капелата и апсидалниот дел, значи етапно и онака како што е планирано, а со конзервација ќе продолжиме и наредната година“, додава Кекеноски.

Според раководителот на проектот Богдан Таневски, ова е покомплексен проект кој ги опфаќа сите проблеми што ги има црквата. Тоа значи дека има потреба и од интервенции на кровот, архитектурата, фасадата и на крајот, додава, ќе биде конзервиран и мозаикот.

„Годинава се почнува со фрескоживописот, онаму каде што сметаме дека може да се работи. Втората фаза ќе биде продолжена во текот на наредната година, кога ќе се изврши санација на покривот и на фасадата која е сликана, што е пак, реткост кај нас. Следи и конзервација на мозаикот, кој исто така е од 11 век“, вели Таневски.

Инаку, зачуваното изворно архитектонско обликување ги презентира високите дострели на византиската сакрална архитектура и уметност на македонска територија во средниот век. По своето архитектонско решение, црквата е единствен таков објект од 11 век во Македонија. Со фреско-украсна изведба е јужната фасада на црквата. Во нејзиниот горен централен дел е сместена мала и богато профилирана розета со запчест венец, а подолу меѓу бифората има раскошна двочленска плетеница со претстава на орнаментиран украс во облик на крст.

Уметничките изрази се реализирани во фреско-техника, мозаик и вајарство во плиток релјеф на мермерните делови од иконостасот. Фреско-ансамблот во црквата, пак, е со иконографски симболични содржини и претстави преземени од Стариот и Новиот завет.

Изградбата на Велјушкиот храм сведочи и за претенциозните желби на основачот не во однос на димензиите, туку во однос на ликовните изведби и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби, се со цел да се надминат сите дотогашни уметнички остварувања во околните цркви.

Директорот на Музејот во Струмица, Ацо Мамински, посочува дека веќе се монтираат скелиња за работа, а ќе се преземат и заштитни мерки со оглед дека оваа црква е посетена од голем број домашни, но и странски туристи.  (Д.Т.)