Нашата семејна традиција е секој викенд да одиме на гости кај баба и дедо и да уживавме во нашите муабети, во нивните домашни специјалитети. Секако и со по некоја чашка домашна ракија, одлично домашно винце, тазе печено лепче во фурна, да ја пееме убавата македонска песна, да се дружиме, иако, за жал, денес не е така кај голем дел од семејствата кои се отуѓиле од многу причини…..

Мишел Трајковски е познат македонски музичар, успешен хармоникаш кој својот пат кон успехот го прави и благодарение и на своите корени. А, токму корените се чуваат како најголемо богатство. Тоа Мишел многу добро го знае, па со читателите на весникот ВЕЧЕР/vecer.press тој ги сподели своите впечатоци за неговиот дедо Велко од кој секогаш има што да научи за животот. За дедо му (од страната на мајка му) Мишел вели дека рускиот претседател Путин му е најомилен политичар, па ништо чудно што овој витален 73-годишен дедо се пофали со маицата на која е токму ликот на шефот на руската држава.

– Мојот дедо Велко е најубав пример за тоа како би требало да изгледа, да функционира, да живее еден човек на 73 години. Роден е во Скопје, во селото Кучково, татко е на четири деца и дедо на шест возрасни внуци, меѓу кои сум му и јас.
И секако, со него е и баба Гоца, неговата верна животна друшка, која е дури 7 години помлада од него. Слободно можам да кажам дека е најзаслужна за неговата животна форма во која сè уште се наоѓа.

За восхит е што мојот дедо е човекот кој успеал со една плата да израсне четири деца, да им овозможи школување, покрив над глава и сето она што е потребно за едно дете да биде среќно и исполнето.
0 Дали дедото има некои тајни со кои успева така добро да се држи во овие години, а кои би сакал и ти да ги применуваш?
-Нема тајни, нема навистина. Тој во текот на целиот свој живот практикува во исхраната домашни продукти без хемикалии, здраво се храни и никогаш не е намуртен.

Во дворот на дедо ми можете да најдете домати, пиперки, краставици, сето тоа од домашната градина, како што се и домашните јајца од домашните кокошки. Секогаш кај него се прави слатко од безброј видови овошје, неколку видови мармалад. Тука е и одлично подготвена зимница, нели со неизбежната кисела зелка која е за сарма, за подварок, за салата. Прсти да излижеш.
Бидејќи мојот дедо е љубител на доброто вино, од задната страна од дворот има огромно лозје, кое со огромна љубов го одгледува во текот на целата година. Да бидам искрен, ниедно вино не би го заменил со виното на дедо ми Веле.

0 Како дедо ти ја поднесува оваа тешка ситуација со коронавирусот?
-Короната ја поминува максимално внимателно, со почитување на сите протоколи, со сите мерки, со носење медицинска маска, со често миење на рацете. Многу се израдува деновиве кога виде дека Путин ја објавил веста дека во Русија е пронајдена вакцината против короната. Тој му верува на Путин, во вакцината за која Путин вели дека е ефикасна и која го одржува имунитет.

Инаку, кога почна сето ова со вирусот во март, навистина ни беше тешко бидејќи првите три месеци воопшто не се гледавме со дедо ми и баба ми иако живеат на само неколку километри од мојот дом. За некоја утеха, успеав да врземе лаф муабет со нив единствено на камера, на телефон.
0 Држиш до корените, до традициите, многумина од твојата генерација со месеци, за жал, ниту одат да ги видат баба и дедо.
-За жал, така е денес кај оваа генерација. Кој знае која е причината, можеби самиот брз нивен неосмислен начин на животот. Не знам? Многумина се отуѓивме едни од други што е навистина несфатливо. Но кај нас во семејството не е така. Семејните врски ни се цврсти. На пример, кога ќе дојде недела, се знае. Нашата семејна традиција е секој викенд да одиме на гости кај баба и дедо, да се дружиме, да им правиме муабет и да уживавме во нивните домашни специјалитети. Секако и со по некоја чашка домашна ракија, одлично домашно винце, тазе печено лепче во фурна и што уште не.

Ете, ќе откријам само за вашите читатели што е потребно за здрав и долг живот Дедо Велко целиот свој живот го практикува ова: 7-часовен вечерен сон некаде помеѓу 22:45 часот и 5:45 наутро. Потоа појадок во раните утрински часови, за кој вели дека досега во животот не му се случило да го започне денот без да појадува. Кафе не пие, цигари не пуши!

Дедо Велко вели дека ќе се чувствува старо во оној момент кога ќе прекине да работи, кога евентуално не би уживал во преубавите дружби со пријателите и семејството. Едноставно физичката работа го одржува во кондиција и го прави да се чувствува млад. Многу често времето го поминува во манастирот Св. Ѓорѓија во Кучково, заедно со неговиот пријател, Отецот Никола, кого особено го почитува.
И тој како и Путин сака да оди на лов, при што пешачи и до 20 километри во еден правец. Ужива во народната, особено македонска музика, а особено кога ќе го чуе звукот на тапанот и зурлата, на мојата хармоника.

Живее во скопската населба Ѓорче Петров, а со мојата баба уживаат проследувајќи ги сите мои телевизиски настапи, уживаат кога во весниците читаат за мене, така што слободно можам да кажам дека ми се едни од најверните фанови. И пак да повторам, бидејќи е важно дека Владимир Путин е негов најомилен политичар, а тоа можете да го забележите по неговата нова маичка. А, јас кога ќе остарам, сакам да бидам млад како мојот дедо Велко!!!

Дуле МИЌИЌ / фото:ФБ