Македонскиот уметник Ѓоко Ризов на 31 август во Њујорк беше дел од настанот „Abstraction  Have Voices” (Апстракциите имаат гласови), каде познатиот њујоршки композитор и пијанист Маргин Александер, изведе оригинална композиција инспирирана од неговите дела. Во овој музичко-уметнички проект Ризов учествуваше заедно со единаесет други уметници од девет различни земји. Десет дена претходно, тој со уметнички перформанс насловен „Reflections and Frames“ се претстави во галеријата „Sound Light Color“ во Амстердам

 

 

“Инспириран од секојдневниот живот, луѓето и околината што носат потенцијал за промена, секогаш носејќи го детето во себе, се обидувам да ја трансформирам грубата реалност во разубавена автентичност“, вели македонскиот уметник Ѓоко Ризов, кој со своите дела неодамна имаше успешно претставување пред публиката во САД и Холандија. Тој минатиот месец (31 август) во Њујорк беше дел од настанот „Abstraction  Have Voices” (Апстракциите имаат гласови), каде познатиот њујоршки композитор и пијанист Маргин Александер, изведе оригинална композиција инспирирана од уметноста на Ризов.

Интересно е што до мај 2021 година Ризов работеше како помошник началник во Единицата за економски и компјутерски криминал при МВР и по напуштањето на службата продолжува активно и со успех да се занимава со уметност.

Инаку, во музичко-уметничкиот проект во Њујорк, Ризов учествуваше заедно со единаесет други уметници од девет различни земји. Александер обраќајќи се пред изведбата на своето музичко дело инспириран од делата на македонскиот уметник посочи дека кога ја сретнал уметноста на Ризов, се чувствувал како да открил нов свет. Тој меѓу другото порача дека секоја негова слика е запечатена со негов автентичен стил.

„Чувствувам дека дури и ако го видам меѓу стотици, ќе можам да почувствувам или да утврдам дека тоа е негово дело и навистина сум инспириран од неговата работа. Ѓоко има, некои многу импресивни дела компетентни по неговиот автентичен стил. Верувам дека тајната се крие во неговата оригиналност, во неговиот директен допир со секојдневниот живот на луѓето. Почнав да размислувам за тоа кои се точните елементи на уметноста на Ѓоко што навистина ме погодија и сфатив дека тоа е големината на неговите уметнички мисли“, вели Александер.

Целиот настан во форма на музичка изложба беше емитуван во живо преку онлајн стриминг отворен за сите музички и уметнички љубители.

Десет дена претходно, на 21 август, Ризов со уметнички перформанс насловен „Reflections and Frames“ се претстави во галеријата „Sound Light Color“ во Амстердам. Во перформансот учествуваше и Александра Црвенковски од Виена.

Уметничкиот перформанс на Ризов „Рефлексии и рамки“, преку портрети, огледала и лица ги истражува свесните и потсвесни тенденции за ставање маски и етикетирање на сè околу нас. Во неговите дела тој го поставува прашањето што е „вистинско лице“ и колку често лице во огледало се спротивставува на сликата што му ја прикажуваме на светот.

„Со прифаќање на идејата за повеќе лица да постојат во исто време (како се гледаме себеси, како другите нè гледаат, како мислиме дека другите нè гледаат и кои сме навистина), можеби ќе изнесеме на виделина дека ‘вистинското лице’ всушност не постои“, смета уметникот .

Перформансот, во кој посетителите зедоа и активно учество, наиде на огромно воодушевување кај публиката во Амстердам.

Ризов речиси половина година живее и твори во Амстердам, Холандија каде претходно во 2017 година на Холандската публика ѝ се претстави со самостојна изложба на дела во техника масло на платно. За самите дела на Ризов се вели:  “Преку сликите, Ризов  директно и бескрупулозно ја поставува асиметричноста и хаосот како културолошки феномен на опсервација. Тоа е очигледно не само во композицијата на сликата, туку и во креирањето нестандардни форми од рамки или слика во слика со тридимензионални елементи. Сето тоа го означува стремежот за бегство од конвенционалноста, суровата реалност, стереотипноста, како отпор кон придржување на традиционалните форми на создавање уметност, а наместо тоа тој создава нови светови во кои токму таа реалност е поинакво и поубаво место за живеење“.

Особено интересен циклус кај Ризов е и еко-тридимензионалната слика, која ја создава како спој на колажни техники од масло на платно и елементи од природата. Ваквата слики доминираат во просторот, со импресивниот спој на камења, дрва, стакло, метал, со силни пастелни бои кои ја дополнуваат изразноста на чувството. (Д.Т.)