Македонскиот тутун обезвреднет, заради увозот од Албанија и Бугарија

Тутунарите незадоволни од откупот на тутунот. Откупувачите им го проценуваат класа подолу и не сакаат да им го откупот. Од Државниот земјоделски инспекторат ветија дека целиот тутун ќе биде откупен и ако треба пунктовите ќе останат отворени и по истекот на рокот за откуп

257

Проблемите со откупот на тутунот никако да престанат. Тутунарите се жалат дека поради увоз на тутун од Албанија и Бугарија домашниот се откупува под реална цена. Тие стравуваат дека тутунот ќе им остане непродаден. Од Државниот земјоделски инспекторат, пак, ја смируваат ситуацијата и велат дека до крајот на откупот, 29 февруари ќе се преземат сите договорени количества тутун. Доколку остане неоткупен тутун пунктовите ќе останат отворени и после откупниот рок со цел да се откупи и преостанатиот тутун.

Директорот на Инспекторатот, Зоран Шапуриќ, на тутунарите им вети дека откупувачите до петок ќе ги држат отворени откупните пунктови, а потоа ќе има дежурни кои ќе ги прифаќаат останатите количества тутун. Инспекторатот будно следи дали се отворени пунктовите и се откупува според прописите.

-Договорениот тутун до грам ќе биде откупен, а ќе се направат напори да се откупи и и над договореното. Инспекторатот гледа согласно мострите, дали работи пунктот согласно процедурата. Инспекторите не можат да одлучуваат за цената и класите, изјави Шапуриќ и додаде дека досега се откупени 97 отсто од договорените 26.500 тони тутун во земјава.

Тутунарите се пожалија дека тутунот им се откупува под реалната цена и оти оној што бил прва класа сега е втора, а тој што бил втора сега е трета. Тие најмногу се плашат и за оној тутун за кој немаат склучено договори. Овој тутун претходните години без проблем го предавале, а годинава велат дека не можат да го предадат ниту тој што е со договор.

-Тутунот е со договори и не ни го земаат. Имаме многу неоткупен тутун. Не само што го намалија откупот туку сега тутунот ни го откупуваат класа подолу. Лани беше скапан го купуваа, а сега е многу поквалитетен и не го откупуваат, вели еден тутунар од Прилепско.

Некои од тутунарите се многу револтирани од годинашниот откуп и велат дека можеби веќе нема да садат тутун.

Иако никој сè уште не сака да каже, тутунарите обвинуваат дека на почетокот на јануари откупните претпријатија  имаат извршено увоз на тутун произведен во Албанија и Бугарија. Поради тоа преостанатите количества домашен тутун се обидуваат  да го откупат по пониско од утврдените откупни цени. (А.С.)