Македонскиот ракомет во црно – На 47-годишна возраст почина Андон Бошковски

291

Познатиот македонски ракометен тренер Андон Бошковски – Доне, утрово ненадејно почина на 47-годишна возраст.

Бошковски беше еден од најдобрите македонски ракометни тренери, но и голем пријател и добро познат лик во македонскиот спорт. Почина во својот дом на 47-годишна возраст.

Бошковски поголемиот дел од својата тренерска кариера ја мина на клупите на македонските суперлигаши, а во неколку наврати беше и во стручниот штаб на македонската репрезентација.

Бошковски е роден на 5 октомври 1974 година. Како играч настапуваше за составот на Работнички и за кадетската репрезентација на Македонија, поради повреда, рано ја заврши играчката кариера.

Тренерската кариера ја почна во клубот каде што ја заврши играчката кариера, во Работнички. Во 2004 година се пресели како асистент тренер во составот на Металург. Потоа го водеше и тимот на Младост Богданци, пред да се врати во Металург каде остана до 2011.

Од Металург се пресели во Вардар, каде му беше асистент на Веселин Вујовиќ. Кратко време во 2014 година беше и прв тренер на „црвено-црниот“ тим. Во 2015 година го презеде составот на Работнички, пред да започне интернационална кариера во романскиот клуб Роман.

Беше дел и од проектот на Еурофарм Работник, работеше во Струга, Голден Арт и Радовиш, а од лани ја презеде на клупата на косовскиот Вучитрн.

Во македонската репрезентација работеше од 2008 до 2013 година како дел од стручниот штаб.

Само пред неколку месеци македонскиот ракомет се збогуваше и од неговиот татко, Лефтер Бошковски, поранешен селектор и еден од основоположниците на овој спорт во Македонија.