Македонскиот минималец највисок, а просечната плата најмала во регионот

260

Од овој месец во нашата држава почна исплатата на декемвриската плата, која во минимална сума законски е одредена на 14.500 денари. Новиот минималец е за повеќе од две илјади денари повисок од претходно, а компаниите според досегашните информации главно го исплатуваат користејќи ја можноста за државни субвенции за плаќање на придонесите кога платите на вработените ги зголемуваат за 600 до 6.000 денари.

Споредено со државите во опкружувањето кои не се членки на Европската Унија, тукушто зголемената минимална плата во нашата држава е највисока. Така, кај нас таа е еднаква на 236 евра, во Црна Гора е утврдена на 222 евра, во Босна и Херцеговина на 208 евра, во Србија е речиси како нашата – 231 евро, во Албанија е 211 евра, а за најмалку пари најниско платените работници на Балканот работат во Косово, каде минималецот изнесува само 170 евра.

Меѓу транзициските земји од Централна и Југоисточна Европа оние кои се членки на Европската Унија имаат повисоки минимални плати, со исклучок на Бугарија каде минималецот е утврден на 222 евра. Највисока минимална плата меѓу тие земји има Словенија – 667 евра. Во Унгарија работниците примаат најмалку 309 евра, во Романија 270 евра, во Латвија 352 евра, во Хрватска и во Литванија 437 евра, во Полска 440 евра, во Чешка 475 евра, во Словачка 480 евра и во Естонија 546 евра.

Иако кај нас минималецот е највисок во опкружувањето, прашање е дали сите на кои им се дели го имаат на располагање, зашто одамна постои практика да се исплатува, а потоа да се бара од работниците да вратат дел, што како што велат надлежните институции, тешко се открива и докажува.

За разлика од минималната плата која е на врвот меѓу земјите со слични економии како нашата, просечната плата , која во ноември годинава споредено со лани е зголемена за над пет проценти, е најмала во тоа друштво. Во Македонија просекот на нето платите е околу 418 евра, во Црна Гора е 517 евра, во БиХ е 462 евра, а во Србија 460 евра. Највисока просечна плата се исплатува во Словенија  – 1.235 евра.

(С.В.)