Македонскиот Караман за брзо време ќе ги помине државните граници

277

На повидок е признавањето на македонското овчарско куче „Караман“ од страна на светската кинолошка федерација Ова го најави Илија Ико Каров, претседател на Кинолошкиот клуб за македонско овчарско куче „Караман“.

– Го трчаме последниот круг од тој долг маратон – признавањето од страна на светската кинолошка федерација. На повидок несомнено е, но, не би откривал повеќе детали, но, сепак кога ќе влеземе во семејството на оние над триста признаени раси веќе самата иднина на караманот ги отвора хоризонтите кон нешто друго, нешто пошироко, нешто интернационално. Знаете префиксот македонско во никој случај не му е ставено од некои националистички побуди. Караманот е куче кое за брзо време ќе ги помине границите на Македонија – изјави Каров.

Тој се надева дека набрзо ќе имаме карамани како во соседството, така и вон границите на Европа.

– Набрзо ќе имаме карамани во соседството и во Европа и на Далечниот Исток и Америка, клубови и одгледувачи кои ќе работат организирано во соработка со нас. Интересот и за сега е голем, има за сега едно куче во Италија, едно во Германија. Сепак политиката на клубот е таква во интерес на генофондот да останат што повеќе тука, до нивното признавање од кинолошката федерација – вели Каров.

Во организација на Кинолошкиот клуб за македонско овчарско куче  „Караман“ и во соработка со македонскиот Кинолошки сојуз и  Бигорскиот манастир во неделата во селото Битуше беше одржана 10-тата државна изложба за македонското овчарско куче „Караман“.

– Одлучивме изложбата да се одржи токму во Битуше заради тоа што откако станав претседател на клубот најубавите карамани кои од работната дивизија мигрираа во урбаната, беа пронајдени тука затоа што сточарството тука сеуште егзистира за разлика од источниот дел на државата што ни се испразни. Втората, не помалку битна работа, е еден човек а тоа е отец Порфириј Бигорски, кој со благословот на неговиот старец, ја препозна благородната мисија на клубот и се приклучи и ја формира една од најстабилните и несомнено најголема одгледувачница за македонското овчарско куче караман која егзистира во склоп на манастирот – изјави Каров.

За победници беа прогласени Арија од Бигорскиот манастир, млад клупски победник, Лара на Иван Цветковски од кумановското село Тромеѓа, зрел клупски победник, Бабуш на Валентин Митанов од Прилеп, млад клупски победник и Блеки на Даме Стојановски од Скопје зрел клупски победник.

– Овој значаен настан нема да се случи доколку не ни дадеше целосна поддршка Бигорскиот манастир, поточно цело братство со благослов на неговото преосвештенство г. Партениј, за што искажуваме голема благодарност сите што сме присутни тука, како и кинолошкиот сојуз на Македонија, и секако кинолошкиот клуб  за македонско овчарско куче караман – истакна Каров.

Клубот за македонско овчарско куче Караман е формиран во 2004 година, но раните почетоци на клубот датираат од далечната 1998 година кога браќата Влатко и Марјан Костовски ги симнуваат првите карамани од македонските планини и со тоа започнува оној пионерски подвиг на она што се вика селективно одгледување.

-Мисијата на самиот клуб е зачувување на расата онаква каква што ја затекнавме. Знаеме дека планината со себе носи многу здрава селекција, но сепак имаше работи кои што организираното одгледување несомнено можеше да ги подобри во здравословен смер на кучињата. Караманот е старо нова раса. Најраните референци на расата се пронајдени уште во неолитот на овие простори, потоа следи средновековието, каде што се оние најконкретните на логотипот. Кучето кое што е издвоено на нашето лого всушност е детал од фреската рождество Христово во Курбиново од 1191 година. Македонското овчарско куче Караман се уште егзистира во етничките граници на Македонија, значи не само во географските. Значи се среќава на сите страни. Нам ни е многу драго што се повеќе и повеќе луѓе ни се јавуваат и ни се приклучуваат зад границата на денешна Македонија, така што несомнено е нешто што е поврзано со битот на Македонецот е нераздвојно нешто – посочува Каров.

Според него, нашата историја е поврзана уште од многу одамна со сточарството и со земјоделството.

-Значи најраните референци за организирани сточарски населби тука се уште во праисторијата. Всушност овој сој егзогенетските фактори, почнуваат да го профилираат оној денешен и екстериерен и ентериерен тип кој што го препознаваме и го имаме, вели тој.