Македонскиот кандидат за „Оскар“ и долгочекуваниот СФ со Бред Пит во кината

147

Љубителите на филмови секако ќе сакаат да ја погледнат долгоочекуваната и долгонајавуваната научнофантастична авантура со Бред Пит во главната улога, насловен „Ад Астра“ кој ќе почне да се прикажува од 19 септември. Во филмот, во режија на Џејмс Греј, приказната го следи астронаутот Рој МекБрајд, кој патува до самиот раб на Сончевиот систем во потрага по неговиот татко, кој исчезнува за да ја разоткрие мистеријата што се заканува да го загрози опстанокот на нашата планета…

Оној кој досега не успеал да го погледне овогодишниот македонски кандидат за „Оскар“ и најнаградуваниот македонски документарен филм „Медена земја“, тоа сè уште може да го стори во градските кина. Филмот на почетокот на годинава се закити со три главни награди на престижниот фестивал „Санденс“. Документарецот го раскажува животот на Атиџе, последната пчеларка во Европа која се соочува со сериозен предизвик за да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа. Во Медената земја на Атиџе пристигнуваат пчелари номади кои го прекршуваат нејзиното основно правило: земи половина од медот, а другата половина остави им ја на пчелите и кога еден ќе го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената… Режијата е на Љубо Стефанов и Тамара Котевска.

„Tоа: Второ поглавје“ е американскиот хорор-трилер кој македонската публика, пак, веќе може да го види во градските кина. Во него улогите ги толкуваат Бил Скарсгард, Џејмс Мекавој, Џесика Частајн, а режијата е на Енди Мучети. Дејството во филмот се случува дваесет и седум години по првата средба на клубот „Лузери” со застрашувачкиот кловн. Иако во поминатите години тие продолжуваат понатаму, еден телефонски повик ќе ги врати повторно во гратчето Дери…

Деновиве почна да се прикажува и американската криминалистичка драма-комедија „Измамничките од Волстрит“ во режија на Лорен Скафариа, каде што улогите ги толкуваат Констанс Ву, Џенифер Лопез, Џулија Стајлс. Филмот го следи планот за одмазда на две вработени во стриптиз-клуб, кои ги здружуваат силите против мажите од Волстрит кои се нивни клиенти. Дејството на филмот е инспирирано од напис во Њујорк, „Магазин“, кој излезе во 2016.

Скопската публика, исто така може да ужива и во француската анимирана авантура „Тера Вили“ во режија на Ерик Тости што сигурно ќе им се допадне на сите генерации. По уништувањето на нивниот брод, 10 годишниот Вили е одвоен од неговите родители со кои патувал во вселената. Неговата резервна капсула слетува на дива и неистражена планета и тогаш почнуваат неговите авантури. Меѓутоа тој е многу паметно и интелигентно дете, кое сака да стане истражувач, храбар е и подготвен да се справи со сите проблеми со кои се соочува. Пораката на филмот е никогаш да не се откажуваме во животот колку и да мислиме дека немаме излез и сме сами.

Љубителите на филмови секако ќе сакаат да ја погледнат долгоочекуваната и долгонајавуваната научнофантастична авантура со Бред Пит во главната улога, насловен „Ад Астра“ кој ќе почне да се прикажува од 19 септември. Во филмот, во режија на Џејмс Греј, приказната го следи астронаутот Рој МекБрајд, кој патува до самиот раб на Сончевиот систем во потрага по неговиот татко, кој исчезнува за да ја разоткрие мистеријата што се заканува да го загрози опстанокот на нашата планета. За време на патувањето, Рој открива тајна што ја доведува во прашање природата на човековото постоење, како и нашето место во космосот. Инспириран од романот „Срцето на темнината“, режисерот се свртува кон космосот, како простор за кој вели дека е многу непријателски настроен кон нас. Покрај Бред Пит улогите ги толкуваат и Рој МекБрајд, Томи Ли Џонс, Доналд Сатерленд…

Од 21 септември, пак, во кината ќе може да се погледне визуелната презентација на концертот на познатиот виолинист и диригент Андре Риу, кој е снимен во Мастрихт, неговиот роден град, и кој секоја година привлекува илјадници фанови од сите страни на светот. Средновековниот плоштад е позадината на незаборавниот концерт насловен „Андре Риу- Ќе танцуваме ли?“ исполнет со хумор, забава и емоции за сите возрасти – и секако, прекрасна музика.

Кон крајот на овој месец во градските кина ќе може да се види и американската акција „Рамбо: Последната крв“ во режија на Андријан Грунберг. Во ова продолжение на познатиот серијал, виетнамскиот ветеран Џон Рамбо (улога која ја толкува Силвестер Сталоне), а кој има преживеано многу опасни ситуации во својот живот, сега, живее мирно, едноставно и во изолација. Во новиот филм, Рамбо се бори против припадници на мексикански картел кој ја киднапирал неговата ќерка. Во останатите улоги настапуваат Паз Вега, Серџо Перис-Менчета, Адриана Бараза, Оскар Јаенада.

Следува и анимираната комедија „Овчичката Шон: Фармагедон“ во режија на Вил Бечер и Ричард Фелан. Во неа, кога вонземјанин со супер моќи доаѓа на Моси Ботом фармата, овцата Шон оди на мисија да ја испрати вонземјанката дома пред злобната организација да може да ја зароби…