Македонска свадба без тапан, ора и чочеци, не е свадба!

Угостителите бараат наместо дома, каде што не се почитуваат протоколите тоа да се прави во нивните објекти, кои се специјализирани за оваа намена и каде што е многу побезбедно. Тие бараат да се дозволи да се организираат прослави со ручек или вечера до 50 гости, кои ќе седат по четворица на една маса, како што и сега е дозволено во класичните угостителски објекти, со почитување на сите мерки на заштита. Според нив, свадбите наместо на традиционалниот начин, со тапани и ора, можат да се организираат со тивка музика и без ора и чочеци

303

Угостителите сè уште се во исчекување на протоколите за организирање на свадби и други прослави, за што уште од почетокот на кризата им е јасно дека Комисијата за заразни болести не дозволува организирање на класични свадби. И покрај тоа што сметаат дека македонска свадба без тапан, играње ора и чочеци, не е свадба, угостителите се подготвени на секакви органичувања и протоколите за бројот на гости, растојание меѓу гостите, меѓу масите… само да можат да работат.
Од Независната угостителска комора(НУК) сметаат дека по примерот на соседните земји и кај нас треба да се дозволи организирање на свадби со посебни протоколи.
– Логичен е чекорот што хрватската Влада го направи со новите препораки за организирање на свадби. Верувам дека нивниот модел и препораки за организирање на свадби може да се примени и во Македонија. Кај нас не е проблемот во применливоста на препораките за организирање на свадби туку во ставот на надлежните институции кој сметаат дека „организирањето на свадби e неприфатливо”, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.
Според него, ова е еден од клучните проблеми со кои се соочуваат угостителите и покрај фактот што вакви прослави се организираат во домашни услови за цело време додека трае пандемијата. Угостителите бараат наместо дома, каде што не се почитуваат протоколите, тоа да се прави во нивните објекти кои се специјализирани за оваа намена и каде што е многу побезбедно. Тие бараат да се дозволи да се организираат прослави со ручек или вечера до 50 гости, кои ќе седат по четворица на една маса, како што и сега е дозволено во класичните угостителски објекти, со почитување на сите мерки на заштита.
-По примерот на соседните земји, бројот на заразени не треба драстично да влијае на начинот на живеење со забранување на одржување на културните обичаи и традиции на граѓаните. Факт е дека истите заради глобалниот проблем со пандемијата нема да можат да се одржуваат и организираат на вообичаениот, традиционален начин, но тоа не значи дека мора да бидат забранети. Меѓутоа мора да има здравствени препораки за превенција и заштита на здравјето со кои одржувањето и организирањето на традиционалните веселби, прослави и свадби ќе се прилагоди на новото секојдневие, вели Јосифовски.
Угостителите сметаат дека не е во ред да има селективен пристап и во некој ресторани и кафеани да може да се дозволи организирање на свадби, прослави, свечености, а некој да чекаат од институциите да се донесат протоколи.
-Угостителите ги чека долга правна постапка во која ќе треба да докажат дали моменталната забраната за организирање на прослави (свадби и други свечености) во угостителски објекти е законска или таа е нелогична, селективна, навредлива и погрешна, велат од НУК.
Според Јосифовски, и покрај ветувањата Комисија за заразни болести досега немаат предложено ниту изработено било какви протоколи со кои овие прослави – свадби би можеле да се организираат.

(А.С.)