Македонската челична индустрија на колена, има ли можност за спас?

162

Челичната индустрија ќе биде задоволна со каква било поддршка од Владата за да го намали ударот од европските мерки за увоз на челични производи, откако земјава не успеа да издејствува да биде исклучена од овие мерки

Загубите на македонската индустрија за челични цевки и профили поради воведените квоти за извоз на челик во ЕУ ќе изнесуваат 45 милиони евра годишно, односно 135 милиони евра за три години. Мерките кои Европската комисија ги донесе на 15 јануари, а кои се однесуваат на ограничувања на увоз на челични производи во ЕУ ќе важат како трајни мерки во наредните три години ќе ја погодат целата челична индустрија, а негативни реперкусии ќе имаат врз другите индустриски гранки. Ситуацијата, како што велат од Здружението на металургија при Стопанската комора на Македонија е уште посложена со оглед на фактот дека нема друга алтернатива за извоз на овие производи. Затоа тие бараат Владата да им помогне да најдат некаков начин да ги ублажат штетите кои ќе ги почувствува целата економија.
Како што истакна Митко Кочовски, претседател на ова Здружение, Владата има на располагање низа можни мерки кои ги преземаат и другите земји, но што ќе одлучи ќе видиме. Мерките стапуваат од наредниот месец. Ние веќе доставивме барања и ќе видиме што ќе ни биде предложено.
– Мерките ја погодуваат целата челична индустрија, односно производителите на сите челични производи со исклучок на производство на бетонско железо. Цевките и профилите, валаните лимови, ладно валаните лимови, поцинкуваните лимови, со времените мерки не беа опфатени поцинкуваните и ладноваланите и поцинкуваните, меѓутоа сега со овие мерки се опфатени и тие производи. Сето тоа кај оваа индустриска структура внесува голема загриженост по една добра година 2018 година кога за прв пат почувствувавме стабилизирање на пазарот. Сега повторно се соочуваме со ограничувања кои што создаваат голема неизвесност кај оваа индустриска гранка во наредниот период, вели Кочовски.
Тој информираше дека има два вида ограничувања национална квота каде ограничувањата се однесуваат по земји и глобална квота каде се определени вкупните количини кои можат да се увезат во ЕУ. За челични цевки и профили е определена национална квота, а како основа се земени 2015, 2016 и 2017 година кои беа понеповолни за оваа индустрија во однос на 2018 година кога имавме поголемо производство. Ако во 2018 година од оваа групација биле реализирани 180 илјади тони извоз, националната квота за наредниот период им обезбедува 110 илјади тони, односно 70 илјади тони помалку. Искажано во бројки тоа значи оваа индустрија ќе има околу 45 милиони евра помалку приходи годишно или вкупно 135 милиони евра за три години.
Кочовски вели дека ова е еден проблем, но има и друг проблем кој не е опфатен со овие мерки, туку со мерките за антидампинг, а тоа е истрагата која се води против три производители на цевки во Македонија и која треба да заврши кон крајот на првото полугодие.
– Тоа е уште една закана чии неповолен исход може да значи дополнително влошување на состојбата во која се наоѓа македонската челична индустрија. Кај оваа групација на производи ние имавме проблем уште со времените мерки кои квотите ги определија на многу ниско ниво и тие беа исцрпени уште во почетокот на декември. Компаниите од оваа индустрија сега се соочени со проблем да немаат квота и се принудени да го редуцираат производството и да се ориентираат на продажби надвор од ЕУ, што пак е многу тешко со оглед на тоа дека на европскиот пазар се пласира преку 60 отсто од ова производство, додава Кочовски.
Според него, постои можност за зголемување на националната квота за 5 отсто во четвртиот квартал, меѓутоа тоа се само 5 илјади тони и е многу малку и не го решава проблемот дури и во случај да се зголеми глобалната квота за која е мала веројатноста.
– Негативните реперкусии за производителите на челични цевки и профили се нереализирани приходи, зголемување на фиксни трошоци поради намалено производство што исто така ќе претставува сериозен удар на конкурентноста на нивните производи при пласман на европскиот пазар. Ако квотите бидат истрошени ќе се доведеме во ситуација на губење залет, намалување на производството, отежнато договарање на долг рок заради неизвесноста околу квотите, а ќе се доведе во прашање реализирањето на инвестиционите активности, вели Кочовски и додава дека овие мерки ќе имаат негативни реперкусии и врз сите поврзани индустрии, како и врз целата економија.
Тој додава дека на компаниите од овој сектор не им преостанува ништо освен да го намалат производството и да се обидат изборат за добивање на квотите во конкуренцијата со поголемите извозници во Унијата, компании од Индонезија, Турција, Јапонија и Ирак кои изминатите години остваруваат висок извоз во ЕУ. (А.С.)