2017 беше година на помали планини и повеќе карпи за во 2018 конечно да се подготви експедицијата на Пунџак Џаја, која што беше 6-та по ред во предизвикот на 7- те врвови и конечно се реализира во јануари годинава. Останува уште еден врв за комплетирање на предизвикот, а тоа е Винсоновиот масив на Антарктикот каде се надевам да заминам во декември годинава“, открива за весникот “Вечер“ Илина Арсова единствената жена од Македонија која го искачила и највисокиот врв на светот Монт Еверест (2013), а на скии се спуштила од Елбрус, кој се смета за највисокиот врв во Европа. Нејзиното име како што вели, е дел од семејната традиција, да се стави име кое е македонско, а за што како доказ требало да има народна песна

Токму големиот македонски национален, но и православен празник Илинден (2 август) е причина да се потсетиме не само на славното македонско минато, Крушевска република и АСНОМ, туку и на фактот дека во Македонија многумина  го добиле своето име според Св. Илија еден од култните светци кај православните Македонци. Една од нив е токму Илина Арсова, уметница, но и позната македонска алпинистка и единствената жена од Македонија која го искачила највисокиот врв на светот Монт Еверест (2013). И по шест години таа активно се занимава со искачување на највисоките планински врвови и истовремено ја промовира Македонија насекаде во светот. Таа е и туристички водич и едукатор за сите оние кои сакаат да се занимаваат со планинарење и алпинизам, непоправлив авантурист, вљубеник во природата, кој го искусил адреналинот на високогорското скијање, ски –алпинизмот, но и параглајдерството…

Бидејќи разговорот го правевме во пресрет на празникот Илинден, а нејзиното име е Илина (женска форма на библијското име Илија), ја запрашавме како всушност го добила името и дали за неа ова име има некое посебно значење.

“Родена сум на 31 јули, токму во пресрет на Илинден. Моите родители, како на сестра ми така и мене сакале да ми дадат македонско име, а како доказ требало да има за тоа народна песна. Сепак во нашата фамилија имаме предедо од една страна и чукундедо од друга страна кои го носат името на светецот Илија, па убаво се погодиле датите – за да се задржи и пренесе традицијата“, вели со насмевка Илина.

Вљубеник во природата

Со оглед дека Илинден е ден кога многумина ќе заминат за Крушево да го прослават денот, но голем дел ќе го искористат празникот за да отпатуваат некаде или барем да се дружат со пријателите, ја запрашавме и Илина како таа го прославува овој ден, дали со

пријателите покрај Охридското езеро каде што живее и води хостел или повторно на некоја планина.

“Искрено овие денови се најзафатените за еден туристички работник и угостител. Секоја година па и оваа јас работам за мојот роденден, а најчесто и за 2-ри август. Во Охрид важи правило: за именден гости ти доаѓаат на “визита”  без да ти се најават, но веројатно мене никојпат не ме нашле дома (се смее). Сепак доколку не сум ангажирана некаде на терен на овој посебен ден, добредојдени се фамилијарните средби и некоја заедничка активност или добар домашен ручек“, додава Илина.

Оваа девојка која на прв поглед изгледа како челична девојка со смел и авантуристички дух, сепак за себе вели дека веќе следниот момент се открива нејзината емоционалност, емпатичност, на моменти несигурност и сугестивност.  За многу работи во животот, Илина точно зане што сака и што не сака, но често прифаќа предлози и сугестии од блиските или околината. Најчесто ги сака луѓето и го гледа убавото во нив, сепак исто толку ужива во самотијата и изолираноста од секаква цивилизација. Сака да твори, да создава и воопшто да работи креативни нешта. Несомнено Илина е голем вљубеник во природата, бидејќи таму е секогаш среќна и насмеана.

Илина стана особено актуелна во 2013 по искачувањето на Монт Еверест (8 848 метри надморска височина), нешто што ти донесе големо признание од страна на спортскиот свет и јавноста, но не и од државата. Ја запрашавме и како од оваа дистанца ги гледа работите?

“Интересно, но многумина не знаат што се случувало во некои десетина години пред Еверест, (десет години посветеност на планиските спортови) и веќе 6 години подоцна. Последните 13 години во континуитет, успевам да направам по неколку тренинг патувања и барем една посериозна експедиција годишно. Тоа се сериозни подвизи како од спортски така и од финансиски аспект. Најдрагото признание секогаш ќе ми биде поттикот и вербата од народот, а поддршката од државата допрва нека се покаже!“, вели Илина.

Искачување 7 врва на 7 континенти

Илина Арсова годината ја започна со уште едно опасно искачување. Искачувањето на Пунџак Џаја во Папуа беше 6-тиот по ред во предизвикот 7 врвови на 7 континенти и беше уште едно како што вели, исклучително интересно искуство. “Во светот има вкупно 416 луѓе кои ги искачиле сите 7 врвови од кои само 60 се жени. За мене овој предизвик е животна цел, поставена како таква со искачувањето на Еверест во 2013 година. Имено во 2010 го искачив врвот Аконкагва, највисок на јужно американскиот континент и прв од овој предизвик. Но, тогаш сеуште не можев да замислам дека еден ден ќе ги качам сите 7.

Понатаму следеа планини и карпи кои ги искачувавме со партнерот Илија Ристовски, но не беа меѓу овие седум, бидејќи нашиот следен предизвик ние си го задаваме според формата, местоположбата и тежината на планината.  Во 2012 го имавме првиот обид за Денали, Аласка, во кој успеавме да се качиме до висина од 5000 метри. Истата година го искачив Килиманџаро, највисок за Африканскиот континент. Еверест следеше во 2013, додека во 2014 го искачив Елбрус, највисокиот врв на Европа кој го искачив со скии и се спуштив од врвот во телемарк стил“, објаснува за весникот “Вечер“, Илина.

Високогорско скијање и ски алпинизам

Таа додава дека потоа следеа и други проекти од тогаш новата љубов за нејзе – високогорско скијање и ски-алпинизам кога скијала од неколку поголеми планини со максимална висина до 6500 метри (врвот Мера на Хималаите, Непал, 2015, со Филип Василески – Четкар).

“Во 2016 истата постава Филип и јас, повторно се упативме на Аласка, кога успешно го искачивме врвот Денали (МекКинли), највисок на северно американскиот континент, а јас ја остварив својата желба да одам со скии и од него да скијам. 2017 беше година на помали планини и повеќе карпи за во 2018 конечно да се подготви експедицијата на Пунџак Џаја, која што беше 6-та по ред во предизвикот на 7- те врвови и конечно се реализира во јануари годинава.

Останува уште еден врв за комплетирање на предизвикот, а тоа е Винсоновиот масив на Антарктикот каде се надевам да заминам во декември годинава“, ни открива Илина и додава: “На светот има луѓе кој овој предизвик го завршуваат во една година, додека мене ми требале скоро десет. Тоа се должи на огромната финансиска спремност на одредени земји и поединци да се придружат на овој тип експедиции. Иако за мене траело подолго отколку планирано, сепак знам дека сум многу блиску до остварување на целта и сум задоволна бидејќи за разлика од комерцијалните искачувања на некои луѓе, во голем дел јас ги искачував овие врвови самостојно без поддршка од водичи и агенциска логистика што има поголема вредност меѓу искрените вљубеници на планинарските спортови“.

Посветеноста со која зборува за планинарење не освои, па сакавме да знаеме и какви се подготовките на една жена која решила да го направи невозможното дури и за искусните алпинисти, припадниците на “посилниот“ пол

“Се работи за врв во исклучително изолирани и екстремни услови со многу ниски температури. Како најголем предизвик за оваа планина го гледав студот па затоа тренирав пливање во студените води на Охридското езеро, каде што живеам, почнувајќи од април месец годинава кога водата беше можеби 10 степени. Се разбира дека вежбам и други спортови за одржување и задржување на општата физичка форма и подготвеност што не е поразлично од порано.

Блиску до смртта

Со оглед дека Илина има освоено многу врвови, а алпинизам е дефинитивно опасен спорт, ја замоливме да ни опише случка во која навистина се исплашила за својот живот, но и искачување кое особено ќе го памети поради природните убавини и чувствата кои ги предизвикало кај нејзе?

“Имало такви случки, последната што ја паметам беше при искачувањето на врвот Чимборацо, највисокиот вулкански врв во Еквадор и воедно најблиска точка до сонцето. Бев сосема сама во овој подвиг и ги искачував последните метри до врвот. Глечерот по кој одев беше мек и нестабилен заради високите температури, кога во еден момент ногата до половина ми  пропадна во една од ледничките пукнатини која надолу одеше во недоглед. Се извлеков но истото се повтори уште неколку пати, па одев со посебна претпазливост, страв и почит кон планината, се додека не се симнав на доволно безбедно место во подножјето. Ризични и страшни ситуации имаше во голема мера на Денали, која освен како најстудена се покажа и како една од најопасните и смртоносни планини кои ги знам.

Со оглед дека е екстремно физички активна она што веќе на прв поглед се приметува е извонредната линија на која може да и позавиди секоја жена. На прашањето која е нејзината препорака во однос на исхраната и физичката активност Илина ни одговори: “Надворешната линија можеби не ги открива внатрешните трауми и повреди кои ги носам со себе како последица од интензивно тренирање и бавење со екстремни спортови повеќе од 15 години.

Искрено им препорачувам на сите читатели да спортуваат и да ги воведат своите деца во спорт. На млади години спортот е особено важен при оформување и зајакнување на единката во здрава и силна личност. Особено топло ги препорачувам спортовите во природа кога истовремено го ангажираме нашето тело, го одмораме умот, дишеме чист воздух и ги заситуваме сетилата со прекрасни видици, мириси и вкусови. Во однос на исхраната сметам дека се е дозволено ако е умерено, така после добар тренинг си дозволувам да јадам буквално тоа што ми сака душата“, вели Илина.

Уметност или алпинизам

Додека зборувавме за плановите поврзани со планинарењето, за активистичките движења посветени на екологијата и животнатата средина, како и за поттикнувањето на активен животен стил кај младите, особено кај жените, ја запрашавме и што е со уметноста, дали подготвува изложба, или нешто друго во моментот го окупира нејзиното внимание? Хостелот, пак, што таа го води во Охрид велат е вистински “музеј на мозаикот и муралот“.

Илина дипломирала на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во класата на Рубенс Корубин и Јован Шумковски. Од 2005 таа е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а преку уметноста ги претставува загадувачките навики и човековите интервенции врз природата, обидувајќи преку визуелен креативен израз да допре и делува врз подигнување на еколошката свест. Како ликовен уметник Илина реализира над десет самостојни изложби во РМ и странство

“Уметноста полека ја развивам во саканата насока, но овој период од годината сум доста посветена на активностите во хостелчето. Оваа година подготвуваме детски камп во природа кој ќе се случува од 16 – 22 август и нуди интересни активности за дечиња од 10 -13 годишна возраст. Во тек од 6 – дневниот камп, младите учесници ќе имаат можност да учат пливачки техники со нашата легендарна пливачка Наташа Мешковска, а потоа да планинарат со мене и да научат правила на движење во природа. Најхрабрите ќе може да се запознаат и со основни техники за качување карпи, а меѓу другите активности ќе имаме и: кајак, штафетни игри, ликовни работилници, летно кино и презентации“, додава Илина која не мирува кога природата е во прашање. (Д. Т.)