Фудбалската репрезентација на Македонија ќе има голема поддршка за време на Европското првенство. Според последните информации кои пристигнуваат од Романија, на првите два натпревари од групната фаза, против Австрија и Украина, за избраниците на Игор Ангеловски треба да грмат околу 3.000 верни фанови кои од сите страни треба да пристигнат во Букурешт.

Сосема очекувано, помеѓу нив ќе биде и можеби најпознатиот фан на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Кипријановски. Популарниот Кипре е задолжителен декор на секој спортски настан без разлика дали станува збор за фудбал, кошарка, одбојка, ракомет…, а така ќе биде и во Романија.

Пред да замине, Кипре ни откри какви се неговите очекувања од ЕП 2020, дали верува во пласман во 1/8 финалната рунда и која репрезентација го има тоа што е потребно за да го освои трофејот.

Дали ќе ја бодрите македонската репрезентација и на Европското првенство во Романија и Холандија?

  • Секако дека ќе бидам присутен на ЕП, само чекаме информации за Холандија, бидејќи поради пандемијата имаат посебни протоколи. На 12 јуни патувам за Романија, а за мене ова ќе биде второ првенство, по она во 2017 година во Полска (пласманот на селекцијата до 21 година). Ова ќе биде супер шампионат за нас, половина репрезентација ни е со млади фудбалери кои беа во Полска. Нормално, фудбалот е друга димензија во однос на останатите спортови, многу е популарен. Кај нас велат дека ракометот е на прво место, но за мене фудбалот го ставам на највисокото скалило. Не само поради фудбалската игра, туку и поради големиот број на навивачи, енергијата, поинакво е чувството на фудбалските стадиони, има повеќе емоции… Секогаш ми е во фокус да дадеме поддршка на македонската репрезентација и нормално очекувам да има фанови од повеќе градови. Сепак, фудбалот не е само Скопје, туку цела Македонија. Малку имаше проблем околу обезбедувањето на билети, но оние кои имаа среќа, бидејќи имаше ограничен број, ќе бидат присутни, а останатите за жал ќе ја гледаат Македонија само на ТВ-екраните.

Кои се вашите очекувања кога е во прашање пласманот на репрезентација на Европското првенство?

  • Со оглед дека македонската репрезентација направи одлична атмосфера, одлични резултати, особено победата над Германија, што значи дека самата репрезентација направи спој меѓу искуство и младост, голем дел од фудбалерите се подолго време заедно, зад нив имаат едно првенство, едно искуство (се мисли на Муслиу, Николов, Елмас, Барди, Велковски… кои играа на ЕП во Полска), сметам дека нема да ја имаат таа трема како некои дебитанти. Оптимист сум дека ќе имаме најмалку една победа. Иако сум пристрасен, сметам дека на натпреварот со Австрија или со Украина ќе оствариме една победа. Можеби предност ќе ни биде тоа што во Австрија веќе се наруши атмосферата, зашто дел од првотимците кои се планирани за во националниот состав го откажаа настапот. Но, иако ќе настапат малку ослабени, не треба да ги потцениме новите млади фудбалери на Австрија, бидејќи токму сега им е шансата да се докажат. Ќе биде тежок меч, меѓутоа очекувам најмалку една победа на нашата селекција, а на последниот натпревар целата мотивација ќе биде во зависност од претходните два натпревари. Очекувам минимум една победа од 2:1, 3:2 над Австрија или Украина. Македонија покажа дека со големите репрезентации играме поконцентрирано, поквалитетно, веројатно и самиот предизвик дека играат против посилна репрезентација им е мотив повеќе.

Како фан, дали сметаш дека еден ваков голем настан треба да се организира во една, евентуално две земји, како што беше традиција до сега?

  • Да, јас сум за тоа да биде во една или најмногу во две држави, затоа што тоа е подобро и за фановите, помалку се патува, повеќе можности се нудат да се запознаат со градот, земјата во која се одигруваат мечевите, фановите со кои секојдневно се среќавате, да стекнете нови пријателства, дружења, да видите некоја нова традиција. Едноставно се скратува времето на патувањето, бидејќи колку повеќе се патува, толку се губи таа енергија, потребни се претходни планирања, договарања за активностите. Пред сè многу е лошо тоа за време на ваква пандемија, требаше да се скрати во две држави поради протоколите кои ги налагаат државите. Кај некои земји имаме олеснувања, без барање на тест и вакцинирање, кај други е спротивно. Отежнувањата ги гледаме во делот на протоколите во ситуација на пандемија, потоа во делот на патувањето, и нормално, секое подалечно патување чини повеќе пари за самиот навивач.

Кој репрезентативец на нашата селекција очекуваш да блесне на ЕП?

  • Пандев е веќе докажана ѕвезда, тој е на залез на кариерата. Сметам дека него  посебно ќе го чуваат, но затоа Барди и Елмас ќе блеснат на ова ЕП. Се надевам дека ќе го покажат вистинскиот квалитет на првенството, а тука се наметнува и Тихомир Костадинов. Секако, зависи кој ќе добие вистинска минутажа на овие натпревари, бидејќи 10-15 минути е премалку некој фудбалер да го демонстрира својот квалитет на зелениот терен. Тука ќе зависат многу работи. Не е фудбалерот само да помогне во нападот, туку и во одбраната, да даде мал придонес и да биде од помош на своите соиграчи.

Во која линија нашата селекција е „најтенка“, односно најслаба?

  • Мислам дека конечно на секоја позиција имаме по еден добар играч, како и негова соодветна замена. Ако во минатото можеби средниот ред ни беше слабост, сега имаме силен состав со доаѓањето на младите репрезентативци и мислам дека конечно функционираме како тим. Не би рекол дека имаме слаб играч, бидејќи момците одлично се снаоѓаат во своите улоги што им се доверени од селекторот. Сепак, и тие се луѓе, и тие можат да погрешат, меѓутоа фудбалот е таков, топката е тркалезна, на некој натпревар ќе ни тргне од рака, на некој не. Ние како симпатизери сакаме нашите секогаш да победуваат, но да бидеме реални како вистински познавачи на фудбалот, треба да знаат дека ќе биде многу тешко.

Која репрезентација е најблиску до трофејот?

  • Неколку репрезентации ми се во глава, а како главни фаворити за освојување на ЕП ми се Хрватска, Холандија, Франција и Белгија. Тука секако е и Шпанија. Европското првенство е потешко во однос на СП, бидејќи тука нема ниту една слаба репрезентација. Можеби некоја ќе изненади, но сметам дека овие пет се главни претенденти за освојување на шампионатот.