Формирање поширока политичка заедница со демократските земји околу ЕУ предлага францускиот претседател Емануел Макрон. Со сличен став е и белгискиот премиер Александер де Кро, истакнувајќи дека политиката на проширување стана „доста токсична, употребена и злоупотребена од антиевропејците“. Германскиот канцелар Олаф Шолц, кому Макрон во Берлин му ја  претстави идејата, порача дека ЕУ не треба да го прекинува пристапниот процес со земјите со кои веќе започна, а како пример ја наведе Македонија, чиј лидер, како што рече, донесе „многу храбри“ одлуки во последните години.

И македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска реагираше на овие предлози, кои, според него, се однесуваат за Украина, Молдавија и Грузија и нивната европска перспектива, но не и за Западен Балкан.

„Западен Балкан мора да продолжи со процесот што веќе е започнат. Ние зборуваме за почеток на разговорите, а не за крајно членство. Претседателот Макрон зборува за процес за членство на државите, така што не би ги ставал во една директна корелација овие две прашања. Се разбира, дебатата за иднината на ЕУ ќе продолжи и ние сме вклучени во таа дебата. Но, ништо не треба да го измести внесувањето на земјите кандидати за членство во процесот на континуирана адаптација на нивните општества“, рече министерот Османи.

Францускиот претседател во понеделникот истакна дека место да се спуштаат критериумите за членство, подобро е да се креира паралелна заедница која може да биде привлечна за земјите што сакаат да ѝ се приклучат на ЕУ, но и за земји што ја напуштиле Унијата, мислејќи на Велика Британија.

„Оваа нова европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, енергетска соработка, транспорт, инвестиции, инфраструктура, движење на луѓето“, посочи Макрон во Европскиот парламент.

Ќе бидат потребни децении, додаде тој, за кандидат како Украина да ѝ се приклучи на Европската Унија и сугерираше формирање  поширока политичка заедница со демократските земји околу ЕУ.

„Дури и да им дадеме кандидатски статус утре, сите совршено добро знаеме дека процесот на приклучување ќе потрае неколку години, во реалноста, несомнено, неколку децении“, изјави Макрон за Украина.

Но, велејќи дека е свесен за потребата од брзо давање место во Европа на земјите како Украина, Молдавија и Грузија, тој повика на формирање  „европска политичка заедница“.

И белгискиот премиер Де Кро, во понеделникот во Берлин, посочи дека политиката на проширување стана „доста токсична, употребена и злоупотребена од антиевропејците“, наспроти целта која е обединување на континентот. Според него, ЕУ треба да ѝ понуди на Украина приближување кон ЕУ, со учество во демократскиот систем и внатрешниот пазар, и да им се овозможи да учествуваат во некои од институциите на ЕУ. Тој додаде дека ова обединување се однесува и на Грузија, Молдавија и Западен Балкан, и дека таа интеграција претставува „геополитички императив“.

„За некои од нив, крајната цел ќе биде полноправно членство, но тоа нема да се случи прекуноќ. До нас е да ги создадеме потребните услови за овие земји да бидат дел од политичка единица на демократии отворени и слободни“, изјави Де Кро, кој денеска ќе се сретне и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел.

Темата за проширувањето ќе биде дел од разговорите на лидерите на ЕУ на следниот вонреден самит на 30 и 31 мај во Брисел. Источноевропските членки на ЕУ сметаат дека треба поголема и побрза интеграција на кандидатите и потенцијалните кандидати, додека западните членки со подолг европски стаж, како Италија, Франција, Белгија и Германија, бараат алтернативни решенија за да можат кандидатите да ги постигнат стандардите на ЕУ.

Претходно, европратеникот Бернард Гета од партијата на францускиот претседател Макрон, во интервју, изложи слична идеја околу проширувањето на ЕУ, со што се потврдува дека оваа опција сериозно се разгледува во европските кругови, бидејќи Брисел е свесен дека мора да ѝ даде кандидатски статус на Украина, но и дека земјите од Западен Балкан не можат да бидат запоставени.

Неодамна и поранешниот италијански премиер Енрико Лета, во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, побара ЕУ итно да се трансформира во европска конфедерација со сите земји кандидати и аспиранти за членство во Унијата, меѓу кои и Украина. Лета во интервјуто за белгиски „Ле Соар“ предлага „веднаш да се креира европска конфедерација со 36 земји“ – 27-те членки на ЕУ, шесте држави од Западен Балкан, плус Украина, Молдавија и Грузија. Лета вели дека моделот на таа конфедерација би бил Г20, кој не е резултат на Повелбата, туку е политички договор меѓу земјите. Италијанскиот политичар тврди дека оваа идеја не е алтернатива, туку паралелен процес на полноправното членство и дека Киев не треба да добие впечаток дека ЕУ не сака да ја прими Украина.

(И.С.)