Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19:30 часот ги стартува квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година, а за прв противник во групната фаза го има светскиот шампион Шпанија.

И покрај сите проблеми со кои се соочи селекторот Драган Бајиќ, пред се поради повредени кошаркари, владее оптимизам за добар резултат во нашата репрезентација.

Во овој прв „прозорец“ на ФИБА, слекторот не може да смета на неколку стандардни репрезентативци како Војдан Стојановски, Љубомир Младеновски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски, кои поради повреда не можат да му се стават на располагање, а тука е и Лејсон Зекири, кој во последен момент извиси и не се приклучи на тренинзите. Како што се шпекулира, причина за таквата одлука на Зекири е што тој во иднина посакува да ги брани боите на Косово.

  • Пред почетокот на тренинзите, Зекири не се појави. Неофицијално, бидејки не стапивме во разговор лично со него, тој би сакал да игра во иднина за Косово. Во иднина ќе поднесеме иницијатива околу оваа негова одлука, засега нема суспензија, но ако мораме да казнуваме ќе дојде и тоа, истакна генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски.

Помошник-тренерот на Бајиќ, Александар Јончевски, верува дека нашите кошаркари со својата борбеност и енергија ќе успеат да извлечат позитивен резултат во овие квалификации, како и на дуелот со светскиот шампион Шпанија.

  • Иако Шпанија не доаѓа во најсилен состав, сепак, нивната, би рекол Б-репрезентација, е далеку посилна во однос на нас. Се работи за кошаркари кои се натпреваруваат во најсилната европска лига (Евролига) и со самото тоа ни следи еден пеколен натпревар, против, секако, фаворитот за првото место во групата. Имавме одлични натпревари во претквалификациите, каде бевме потценети со откажувањето на многу првотимци кои претходно беа стандардни во националниот тим, но момците кои дојдоа на нивно место одлично се покажаа, додоа огромна енергија и борбеност на натпреварите. Очекувам иста таква борбеност и енергија и на овие два натпревари. Повторно не можеме да сметаме на Димитријевиќ, кој треба да биде лидер во овој состав на Македонија, но верувам дека во следниот „балон“ ќе биде заедно со нас. Се надевам дека можеме да направиме успех во овие квалификации, истакна Јончевски за ВЕЧЕР.