Македонија уште шест месеци во енергетска криза, ќе успееме ли да обезбедиме струја и гас зимава?

Со кризната состојба што ќе почне на 1 октомври, ќе стапат на сила и мерките за штедење што се обврзувачки за државните институции, кои, пак, треба да ја намалат потрошувачката за 15 отсто, и препораките за граѓаните и за бизнисите за штедење електрична енергија. Од власта тврдат дека рогласувањето кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со енергетската криза. Овие механизми ќе овозможат граѓаните најмалку да ја почувствуваат кризата и ќе се создаде можност навремено да се интервенира

466

Македонија до 30 април ќе биде во енергетска кризна состојба. Од Владата појаснуваат дека е потребно прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор за да може да се преземат мерки за помош на бизнисот и на граѓаните. Со кризната состојба што ќе почне на 1 октомври, ќе стапат на сила и мерките за штедење што се обврзувачки за државните институции, кои, пак, треба да ја намалат потрошувачката за 15 отсто, и препораките за граѓаните и за бизнисите за штедење електрична енергија.

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, прогласувањето кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со енергетската криза. Овие механизми ќе овозможат граѓаните најмалку да ја почувствуваат кризата и ќе се создаде можност навремено да се интервенира.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека прогласување енергетска кризна состојба е неопходно со цел да може да се искористат 100 милиони евра што се обезбедени од ЕБРД за зголемување на капацитетот на ЕСМ за јаглен, мазут и за електрична енергија.

– Во делот на менаџирањето на ситуацијата и подготовките што се прават од институциите, ние веќе најавивме дека ЕСМ обезбеди 100 милиони евра од страна на ЕБРД за да се зголеми неговата ликвидност во делот на набавката на мазут, јаглен и електрична енергија. Околу 1,1 милион тон веќе се обезбедени за потребите на РЕК „Битола“, 500 илјади тони за РЕК „Осломеј“. Нашите очекувања се дека РЕК „Битола“ од почетокот на октомври ќе работи со трите блока, „Осломеј“ ќе работи со целосен капацитет, имајќи предвид дека има само еден блок и веќе почна испораката на мазут од Грција за потреби на ТЕЦ „Неготино“, која ќе почне со работа првично со првиот котел, а, во меѓувреме, ќе може да се стави во функција и вториот котел, сè со цел да може да се снабдуваат првично универзалниот снабдувач во овој случај – ЕВН-Хоме за потребите и потрошувачката на домаќинствата и на малите потрошувачи – изјави Бектеши.

Освен кредитот од ЕБРД, Владата му даде уште 50 милиони евра на ЕСМ за да може максимално да го зголеми производството на електрична енергија. Со тоа, како што истакнаа од власта, обезбедено е субвенционирање на 80 отсто од цената на сметката за струја за граѓаните, кои плаќаат само околу 20 отсто од цената. Сите граѓани, но и 72.000 мали потрошувачи, а тоа се помали приватни компании, плаќаат 20 отсто од потрошената струја, а 80 отсто е субвенционирано од државата.

Во обидите да се најде поевтина струја за слободниот пазар и постабилно снабдување со енергетски суровини, Владата ги посети Бугарија и Грција, а следна на листата е Турција. Со Бугарија е договорено да бидат извезени околу 200 мегават-часови електрична енергија, а со Грција, пак, неодамна е договорено Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и со мазут.

И покрај тоа што сè уште не е договорено по која цена македонските компании ќе ја добијат струјата од Бугарија, сепак, властите уверуваат дека таа нема да биде повисока од берзанската. Доколку Европската комисија донесе одлука за замрзнување на цената на 180 евра за мегават-час, тогаш можно е и ние да ја добиеме по таа цена, затоа сè уште не е постигнат договор.

Експертите и опозицијата ја критикуваа власта дека нема никаков договор за тоа колкава количина електрична енергија е обезбедена. Ако предвидените количини не се ставени на хартија, тогаш се само празни зборови и остануваат на „ќе“, а не знаеме кога ќе се случи тоа.

Опозицијата обвини дека Владата не носи соодветни и навремени мерки за справување со кризата и оти се доцни и со мерките за штедење и со набавката на струја. Договорите за набавка на струја требаше да бидат склучени уште минатата година или најдоцна летото.

(А.С.)