Македонија преплавена со фалсификуван мед, најмногу кинески

Пчеларите бараат поголема контрола од страна на пазарните инспектори на  медот кој се продава по маркетите. Со овој проблем пчеларите во нашата држава се соочуваат неколку години откако во државата беше увезено поголемо количество на кинески мед. Прашањето сега се актуализира со барањето на Словенија за промена на означување на потеклото на медот за да ги заштити нејзините граѓани од консумација на фалсификуван и неквалитетен мед

12539

Дури 80 отсто од медот што се продава низ маркетите во државата е фалсификат или неквалитетен кинески мед. Пчеларите велат дека со овој проблем се соочуваат веќе подолго време кој сега се актуализира со барањето на Словенија до Европската комисија за промена на Директивата за означување на медот. Со проблемот на зголемен увоз на неквалитетен кинески мед се соочува цел Балкан, поради тоа пчеларите бараат поголема контрола од страна на пазарниот инспекторат за да се намали процентот на фалсификуваниот и кинески мед кој се продава во маркетите.

Пчеларите предупредуваат дека веќе и фалсификуваниот мед ги има истите својства како и вистинскиот. Неговото производство е толку изверзирано што потрошувачите во никој случај не можат да направат разлика, ниту да забележат дека купуваат гликозен сируп, освен ако не консултираат експерт. Од една страна, тие се измамени, а од друга, се создава нелојална конкуренција која практично ги уништува вистинските производители.

– Дури 80 отсто од медот што се продава низ маркетите во државата е фалсификат. Со овој проблем се соочуваат сите земји во регионот. Затоа треба да се води поголема битка за да се намали процентот на фалсификуван и на неквалитетен увозен мед од кој најголем дел е кинески. Нема логика една тегла од 750 грама да се продава по 250 денари. Ако се работи за чист мед минималната цена треба да биде 400 денари, појаснува претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, Менде Трајковски.

Тој советува потрошувачите да купуваат мед само од проверени производители кои пчелините семејства ги чуваат во чиста околина и не користат додатоци во нивната исхрана, а не од маркетите. Медот кој се произведува со помош на дохрана со шеќер нема својствен мирис, тој или е без мирис или има мирис на восок.

Според него, потребна е поголема контрола од страна на пазарните инспектори на  медот кој се продава по маркетите. Нашата држава произведува висококвалитетен мед кој не може да се најде во маркетите каде што се продава увозен кинески или фалсификуван мед. Кинескиот мед кој се набавува по цена од 1,30 евра за килограм продавачите го мешаат со домашниот и го продаваат како домашен. Оваа мешавина некогаш достигнува сооднос од 9:1.

Со цел заштита на потрошувачите од консумација на фалсификуван и неквалитетен мед Словенија ја повикаа Европската Комисија да воведе појасен систем за означување на потеклото на медот. За таа цел во Брисел предложена е измена на Директивата за означување на медот.

Сегашната директива утврдува три етикети за мешавини од мед кои содржат мед од повеќе од една земја членка или, исто така, од некоја трета земја – мешавина на мед од ЕУ, мешавина на мед која не е од ЕУ и мешавина на мед од ЕУ и земји кои не се во ЕУ, а Словенија смета дека тие информации се двосмислени, несигурни и несеопфатни. (А.С.)