Културните рути при Советот на Европа се формирани во 1987 година и досега се развиени 48 патеки. Од Министерството за култура посочуваат дека на форумот што се одржува на Крит, ќе стане збор и за нашето вклучување и учество на патеката на сесловенските просветители Кирил и Методиј

 

Македонија и официјално стана дел од културните рути при Советот на Европа. На годинашниов форум што од 5 до 7 октомври се реализира на Крит, Грција, се одржа церемонија во чест на приклучување на нашата земја, Либан и Албанија, кои беа примени како нови членки. Тие ќе партиципираат во голем број рути чија цел е заштита на европските вредности, наследството и дијалогот. Досега се развиени 48 патеки, со кои се опфатени триесетина земји.

– Република С Македонија официјално е дел од Договорот за парцијално проширување на културните рути за 2022 година од 16 септември 2022 година, со што станува 37. земја членка на овој сегмент на Советот на Европа. Досега, преку неколку компании, С Македонија беше дел од рутата на маслиновите дрвја и винската рута, Итер Витис – велат од Министерството за култура.

На форумот во Хања, Крит, македонската министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, покрај обраќањето на свеченоста по повод пристапувањето кон Договорот за парцијално проширување на културните рути, ќе учествува и на панел-дискусија за промоција на интеркултурниот дијалог.

– Во агендата е и средбата со водечките претставници на Асоцијацијата на Европската културна рута на светите браќа Кирил и Методиј, на која ќе се разговара за нашето вклучување и учество на патеката на сесловенските просветители – додаваат од Министерството за култура.

Преку својата програма, Советот на Европа нуди модел за транснационален културен и туристички менаџмент и дозволува синергии меѓу националните, регионалните и локалните власти и широк опсег на здруженија и социоекономски субјекти.

– Културните рути се покана за патување и за откривање на богатото и разновидно наследство на Европа. Преку нив се демонстрираат и применуваат вредностите на Советот на Европа: човековите права, културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебната размена преку границите. Преку овој инструмент на Советот на Европа се обезбедуваат едукативни активности, вклученост, развој и промоција на културата, туризмот, економијата и на сите други области преку кои се обединуваат земјите на Европа. Културните рути опфаќаат различни теми – од архитектура и природа до религиозни влијанија, од гастрономија и нематеријално наследство до главни фигури на европската уметност, музика и литература – стои, меѓу другото, во соопштението.

 

Во 2016 г., Македонија и останатите земји од поранешна Југославија, заедно со Грција, Албанија, Бугарија и Романија, ја основаа асоцијацијата „Итер витис Балкан“. Таа ги обедини земјите од Балканот со цел афирмирање на нивното богато културно наследство и на заедничката традиција во одгледувањето вински сорти и производството на вино, во функција на културниот и на економскиот развој за државите што партиципираат во оваа иницијатива.

Нашата држава, заедно со уште 14 други, меѓу кои Хрватска, Франција, Италија, Тунис, Турција, Шпанија, Мароко…, е дел и од рутата на маслиновото дрво.

Дел од културните рути на Советот на Европа се и патеката за мегалитската култура, патеката за еврејското наследство, патеката за Кирил и Методиј, Виа Игнација, европската рута на керамиката, рутата на историските термални градови, архитектурата без граници, патот на свилата, парковите, градините…

Долж овие рути, како што велат од Советот на Европа, се организираат разни активности врзани со темата на рутата, како изложби, концерти и дегустации, преку кои патникот се запознава со традицијата што ги врзува овие земји.