Македонија никогаш попозитивна, омикронот ги легна сите!

Петтиот бран веќе урива рекорди

11599

Матичниот лекар д-р Ненад Лазаров реагира дека како примарно здравство овие две години го носат на својот грб товарот на пандемијата. Но, деновиве со растот на бројот на заразени не се во можност да постигнат дневно да ги прегледаат пациентите. Инфектологот Д-р Фадил Цана очекува следните 2-4 недели уште поголем да биде бројот на заразени лица во земјава, а д-р Злате Мехмедовиќ предупредува дека сме во првата недела од новиот бран кој се очекува да трае и во наредните 6 до 8 недели.

Рекордни дневни бројки на заразени со ковид-19 регистрира деновиве Институтот за јавно здравје. Но, епидемиолозите укажуваат дека реалните бројки на инфицирани лица во моментов е за трипати поголема од оние официјалните. Според нив, дневно има и по 6.000 новозаразени,а потврда за тоа е што амбулантите се преполни, се прегледуваат дневно и по 150 пациенти, а се чека за ПЦР-тестирање и пред лабораториите. Треба да се земат предвид и употребата на брзите тестови чија потрошувачка е огромна, а само од една аптека дневно се купуваат од 150 до 200 парчиња.

Матичните лекари укажуваат дека брзите тестови доколку се позитивни, пациентите за да ја избегнат изолацијата не ги пријавуваат и тие никаде не се евидентираат. Како што вели д-р Ненад Лазаров многу е висок процентот кај пациенти кои имале симптоми и направиле ПЦР-тест,а тој покажал дека се позитивни. Тој укажува дека во моментов се чека од 7 до 10 дена за ПЦР-тестови во јавниот здравствен систем, а голем број луѓе и не можат да си дозволат финансиски да ги користат услугите на приватните ординации.

-Матичните лекари се исцрпени невозможно е телефонски да комуницираме со стотина пациенти дневно и повеќе од стотина да прегледаме во ординациите изјави Лазаров, дополнувајќи дека има и хронични пациенти кои исто така чекаат за преглед и за терапија.

Токму затоа лекарите се незадоволни од инертноста на Комисијата за заштита од заразни болести, која не носи нови мерки во услови кога сојот омикрон галопирачки се шири во земјава.

Инфектологот Д-р Фадил Цана очекува следните 2-4 недели уште поголем да биде бројот на заразени.

-Во нашата држава постојано во текот на пандемијата се носат постфестум мерки, а особено во сегашната ситуација кога новиот министер за здравство сè уште не ја презел функцијата, а системот реагира бавно – укажа деновиве д-р Цана.

И д-р Злате Мехмедовиќ смета дека веќе е предоцна да се размислува за некакви рестриктивни мерки. Според него тоа требало да се направи пред да пристигне сојот омикрон во државата. Тој предвидува дека бројките понатаму ќе растат,а хоспитализациите се зголемени за 41% во однос на претходната недела.

– Ние сме во првата недела од новиот бран кој се очекува да трае и во наредните 6 до 8 недели. Иако станува збор за варијанта со поблаги симптоми – вели д-р Мехмедовиќ којшто укажа дека нашите здравствени капацитети не се неограничени.

Тој предупредува дека станува збор за максимум 1.000 кревети во ковид-центрите, а тоа може да стане во иднина проблем.

Во последните 24 часа, ИЈЗ регистрира уште 1.822 нови случаи, а од нив регистрирани се 173 реинфекции.Оздравени се 668 лица, а во моментов во земјава позитивни на вирусот се 13.478.

Статистиката покажува дека тројца пациенти починале од кои што двајца се од Делчево (70г и 77г) и еден е од Скопје (89г). Пријавените лица се починати во болнички услови.

 

Во ек на пандемија, Фондот казнува

Матичните лекари најавуваат протести и клуч на врата!?

Матичните лекари, кои веќе две години ги лекуваат своите пациенти и секојдневно се изложени на вирусот, наместо да се наградат, треба да плаќаат казни на Фондот за здравствено осигурување.

Д-р Ненад Лазаров укажува дека деновиве во ординациите стигнуваат казни од Фондот за ситни административни пропусти од 2020 и 2021 година, а не за лекарска грешка. Според него тие лекуваат во вонредни услови, а изготвени се казни од 15.000 до 60.000 денари, затоа најавуваат протести.

Реакции има и од Здружението на приватни матични лекари од каде што велат дека ќе стават клуч на ординациите, па Фондот нека ги лекува пациентите.

-Ако запреме ние матичните лекари пет дена со работа, ќе падне цел здравствен систем. Ни рецепти, ни Мој термин. Револтот е огромен. Се чувствуваме понижени и непочитувани во здравствениот систем. Изгинавме на терен, анкетиравме, дење ноќе тешевме пациенти со панични состојби – реагира д-р Лидија Чолакова-Дервишова.

(В.Ма.)