Македонија нема да остане без руски гас, Бугарија не смее да спречи тој да тече низ цевководот

По информациите дека Русија испорачува помалку природен гас преку Украина кон Европа, од Владата смируваат дека нема причина за загриженост, бидејќи нашата држава не се снабдува со гас од гасоводот од Украина. Ова го потврдуваат и експертите, кои велат дека Бугарија не смее да спречи гасот да тече преку цевководот, бидејќи тоа е противзаконски, а, од друга страна, компаниите веќе имаат склучени договори за набавка на гас преку тој гасовод

515
A worker checks the valve gears in a natural gas control centre of Turkey's Petroleum and Pipeline Corporation, 35 km (22 miles) west of Ankara, January 5, 2009. The European Union on Monday scheduled talks with Russia to press for a speedy resolution of a dispute with Ukraine that has hit gas supplies to countries in eastern and southern Europe facing freezing temperatures. Turkey has increased gas delivered direct from Russia via the Blue-Stream pipeline under the Black Sea to compensate for a slight decline in supplies coming via Ukraine, an official said. REUTERS/Umit Bektas (TURKEY)

Украина затвори една од двете клучни точки за транзит на гас кон Европа. Ова го потврди и рускиот енергетски гигант „Гаспром“, кој информира дека поради војната, намалени се количините што се испорачуваат кон Европа. Сепак, енергетските експерти велат дека ова нема многу да нè погоди нас, бидејќи ние се снабдуваме со гас преку Турција, а не преку Украина. Велат дека Бугарија не смее да спречи гасот да тече преку цевководот, бидејќи тоа е противзаконски. Од друга страна, тој цевковод не е во нејзина сопственост, таа заработува од трансфер на гас преку него. Бугарија од јуни ќе почне да добива американски течен природен гас по цени пониски од оние на „Гаспром“.

По информациите дека Русија испорачува помалку природен гас преку Украина кон Европа, од Владата смируваат дека нема причина за загриженост, бидејќи нашата држава не се снабдува со гас од гасоводот од Украина.

– Нема причина за загриженост, нашата држава не се снабдува со гас од гасоводот од Украина. Количините гас потребни за нашата држава се обезбедени. Нема простор за грижа од недостиг на гас – изјави владиниот портпарол, Муамет Хоџа.

Тој информираше дека количините што се потребни за нашата држава се обезбедени од страна на компаниите што вршат дистрибуција на гас.

И енергетските експерти се согласни дека одлуката на Русија да го сопре гасот за Украина нема да го загрози снабдувањето на нашата држава. Велат дека транзитот низ Бугарија не би требало да биде проблем.

– Бугарија може да набавува американски течен гас, тоа е нејзина работа од каде ќе набавува гас, но не смее да го затвори овој цевковод. Цевководот низ кој поминува гасот е еден вид автопат и Бугарија не смее да спречи да тече гасот по него, може само да наплатува патарина. И покрај тоа што тие викаат дека Русија го прекинала снабдувањето со гас, гасот уште си тече. Нивна работа е од каде тие ќе купуваат гас и по која цена, но не смеат да спречат ние да се снабдуваме со гас од овој цевковод, од кој се снабдуваат и Србија, Унгарија, Австрија – изјави за ВЕЧЕР универзитетскиот професор Константин Димитров.

Според него, и покрај тоа што Бугарија договорила набавка на американски течен гас, нема станици за прием на тој гас, нема како да го донесе гасот од Америка. Има потенцијална можност за набавка на мали количини преку Грција, но тоа нема да биде доволно за да го замени рускиот гас.

Експертите се согласни дека американскиот течен гас ЛНГ за нас ќе биде многу поскап од рускиот, на кој сме навикнати и за кој компаниите имаат повеќегодишни договори.

– Американскиот течен гас нема да стигне толку брзо до Балканот. Може Бугарија договорила набавка на овој гас, но ќе биде потребно повеќе време додека да стигне. Од друга страна, потребно е многу време додека да се конвертира тој гас од течна во гасовита состојба. А и транспортот е комплициран, бидејќи се транспортира во посебни садови на температура од – 160 степени, и сето тоа чини многу. Поради тоа, овој гас е поскап – објаснува енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Според него, компаниите веќе имаат потпишано договори и до крајот на јуни имаме обезбедено гас, но прашање е што потоа. Потребно е да се размислува со време за да не останеме и оваа зима без греење.

Конфликтот меѓу Русија и Украина предизвика сериозни глобални проблеми. Освен што пораснаа цените на енергенсите, одредени производи и суровини сè потешко се наоѓаат на пазарот. Но, поради неизвесноста во која правец ќе се одвива овој конфликт, експертската јавност многу тешко може да предвиди што точно ќе се случува на глобалните пазари.

(А.С.)