Македонија нема да ги признае референдумите во Украина за приклучување кон Русија

Организацијата на референдумите во окупираните украински територии има за цел да послужат како алиби за нелегална анексија на територија, што посебно ги загрозува малите држави, како Македонија и земјава нема да ги признае резултатите од ваквите манипулативни референдуми, порача денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Министерот предупреди дека употребата на нуклеарната војна во секојдневната политичка меѓународна реторика е преминување на психолошката бариера и доведува чекор поблиску до таква можност

217

Референдумите во окупираните украински територии се манипултивни и Македонија нема да ги признае резултатите, порача денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, коментирајќи ја ситуацијата по објавувањето на мобилизацијата во Русија и одржувањето на т.н. референдуми во украинските територии Донецк и Луганск кои се под руска окупација. Тој предупреди дека организацијата на овие референдуми има за цел да послужат како алиби за нелегална анексија на територија, што посебно ги загрозува малите држави, како Македонија, иако не штити меѓународното право и меѓународниот систем. Османи вели дека ако може толку лесно со референдуми на соседни територии да создавате алиби за анексија, тоа ги загрозува сите независни држави и порача дека мора да се работи на објаснувањето на граѓаните кај нас за штетноста на руската агресија на Украина и што тоа значи за нашите национални интереси.

– Јасен став на Република Северна Македонија е дека тоа се манипулативни референдуми чија цел е алиби за анектирање на територии на други држави и нема да признаеме резултати од вакви референдуми. Ако тоа се наруши, ако се создаде таков преседан, очекувајте утре секој голем сосед да може тоа да го направи на малите соседи, изјави Османи на редовниот брифинг со новинарите.

Шефот на дипломатијата рече дека за Македонија не постои некаква директна закана во соседството, но, вели, тоа што го направи Русија е директно кршење и рушење на принципите на меѓународното право и на европската безбедносна архитектура и тоа токму на принципите кои гарантираат суверенитет и интегритет и ваквите преседани го ставаат светот во ризик од нови војни, конфликти и поголеми држави да напаѓаат и анектираат помали.

-На анкети 25 отсто македонски граѓани сметаат дека Русија е во право, мислејќи дека ова е битка меѓу два пола и дека ние сме неутрални. Не ние не сме неутрални туку сме на страна против рушење на територијалниот интегритет на држави. Да си на страна на руска агресија е да си против своите национални интереси и ние како политичари и вие како медиуми и треба да објаснуваме што значи тоа и каков домино ефект произведува кога посилна земја сака да анектира територија на соседна држава, рече Османи.

Османи рече дека ЕУ нема донесено единствен став во однос на визниот режим кон руските граѓани и оставено е на земјите-членки поединечно да одлучат за нивните национални позиции. Македонија има генерално визен режим со Руската Федерација и тоа засега е доволен инструмент, но може да се промени во зависност каков ќе биде развојот на настаните, истакна министерот коментирајќи ја ситуацијата со руските граѓани кои бегаат од мобилизацијата. Во однос на тоа какви се односите со рускиот амбасадор во земјава, Османи рече дека немаат политичка комуникација и односи.

Македонскиот министер за надворешни работи предупреди и на опасноста од реториката во меѓународните односи. Османи алармира дека тоа што нуклеарната војна влезе во дневниот дискурс е опасно само по себе, дека тоа е премин на психолошката бариера и доведува чекор поблиску до таква можност. (В.С.Н.)

 

Османи реагирал во Софија за изјавите на Ангел Димитров 

Нема да коментирам за односите со Бугарија додека траат изборите таму, бидејќи тогаш сите наши изјави стануваат дел од политичката борба и навистина не би сакал да влијаам во тој процес, изјави Османи запрашан за коментар за ставовите на копретседавачот од бугарска страна на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров околу наводната неподготвеност на земјава за промени.

– Ќе ги задржам моите коментари после 2 октомври, изјави Османи, додавајќи дека со официјална Софија веќе е разговарано околу честите политички изјави на Димитров.

Во однос на спорниот учебник по историја за седмо одделение, Османи изјави дека тој веќе е повлечен со одлука на претходната министерка за образование, поради навредливата содржина не само кон Република Бугарија туку и  кон другите етнички заедници и додаде дека две точки од Протоколот со Бугарија се веќе исполнети и за тоа е информирана бугарската страна со нота. Работната група за исполнување на Договорот со Бугарија е веќе формирана и пополнета со членови, претставници од институциите, рече тој и истакна дека очекува оваа недела таа да го одржи првиот состанок.