Македонија навредена и понижена среде Битола!

2676

– Ако Петков мисли дека ова ќе придонесе за решавање на историските прашања, не знам дали е свесен за последиците. Намерите не се добри, навистина ме загрижува веќе односот на државниот врв од Бугарија према нас, напиша адвокатот Александар Новаковски. Остро реагираше и универзитетскиот професор по меѓународно право Тони Десковски, кој преку социјалните мрежи порача дека ова е исмевање и враќање на фашизмот на голема врата.

 

Што сакаше бугарскиот државен врв да покаже на отворањето на бугарскиот културен центар со името на докажаниот непријател на Македонците и македонската држава Ванчо Михајлов во центарот на Битола? Што, пак, сакаше македонскиот државен врв да покаже со тоа што не го осудија овој за нас понижувачки и безобразен чин на актуелниот бугарски политички естаблишмент? Срам, брука, понижување, дрска провокација, навреда, чин на непријателство… Социјалните мрежи вријат од коментари и реакции по „манифестацијата“, која среде Битола во саботата ја направи  бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со потпретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, како и со екс-шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, и поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

-Отворање на клубот во Битола, со име Ванчо Михајлов, е сè само не градење на добрососедство. Не може вака сред Битола да се прави провокација, која ако се има предвид и високото ниво на гостите, се прашувам дали Петков прати порака дека ние ќе шетаме низ Македонија, ќе отвораме клубови, а вие мора да се криете, бидејќи зависите од нас. Ако Петков мисли дека ова ќе придонесе за решавање на историските прашања, не знам дали е свесен за последиците. Да видиме сега што клуб ќе отворат во Охрид или само ќе пратат уште некоја отровна стрела. Намерите не се добри, навистина ме загрижува веќе односот на државниот врв од Бугарија према нас, напиша адвокатот Александар Новаковски.

Остро реагираше и универзитетскиот професор по меѓународно право Тони Десковски, кој преку социјалните мрежи порача дека ова е исмевање и враќање на фашизмот на голема врата.

– Кој парадокс, дури и самиот Михајлов во 1944 се откажал од идејата да воспостави квислиншка фашистичка творба во Македонија, свесен за големиот народен отпор кон фашизмот и веќе извесниот пораз на Хитлеровата коалиција. Да му се прави клуб на Хитлеровиот квислинг е обична спрдачина со НОБ и со антифашистичките традиции на македонскиот народ. И ругање со слободарска Битола. Очигледно нашите државни органи не си ја вршат работата. И да сме на јасно, ова не е проблем само на бугарскиот премиер (иако тој би морал да е свесен дека Михајлов е Хитлеров  и Павелиќев квислинг и да одбие да учествува во ваква ујдурма), туку е проблем на нашата држава. Фашизмот ни се повампирува на голема врата, а никој не е надлежен. п.с. Очекувам следниот клуб на оваа дружина да го носи името на Мане Мачков, напиша професорот Десковски.

Професорот Ѓорѓи Спасов, пак, вели дека со овој чин бугарскиот премиер провоцира.

„Не можеше Петков да избере полош лик од Михајлов и подобра бугарска делегација во која се Каракачанов и Захариева, за политичка провокација, па и омаловажување на сите напори за приближување кон ЕУ што ги прави Македонија. Мораше некој официјално да го извести дека ние и тоа можеме да го поднесеме, но не е начин за помирување. Ако треба антифашистот Тито да го заборавиме, а фашистот Михајлов да го славиме како услов за влез во ЕУ и за кревањето на ветото од Бугарија, тоа вистина ќе потрае или никогаш нема да се случи. Сега е ред официјална делегација од Македонија со претставниците на ОМО Илинден на 20 април да отиде на гробот на Јане Сандански на Пирин и да отвори клуб на Македонците во Сандански, кој ќе биде мост во соработката меѓу двете земји. Само за да се тестира бугарската и европска толеранција“, вели Спасов.

Голем број граѓани, со транспаренти против политиките на бугарската Влада кон македонското малцинство во Бугарија, но и транспаренти за актуелните политички случувања во преговорите, го дочекаа бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателката Илиана Јотова, актуелната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната министерка Екатерина Захариева на Широк сокак.

Откако беше најавено отворањето на клубот, остри реакции упатија неколку македонски здруженија, а Сојузот на борците од Битола упати и јавен протест, во кој е наведено дека смета како со името што се става на клубот, се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам. Битолскиот градоначалник Тони Коњановски, вели дека кога веќе централната власт и националното законодавство дозволија да се регистрира и да функционира ваков културен клуб, тогаш време е нашите источни соседи да овозможат вистински реципроцитет и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја.

-Тогаш, кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на Македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи заемно почитување и искрено пријателство. По посетата на денешниот настан во Битола, очекувам, премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на Македонците кои живеат таму – објави Коњановски.

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, повика на национално обединување.

-Во ова тешко време за Татковината треба да се надминат политичките и партиските разлики и да дојде до единство и сплотеност за македонските национални и државни интереси, рече Бачев.

И Сојузот на борците смета дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам.

„Преку името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна. Се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално донстоинство“, пишува во јавниот протест.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека доколку Петков сака да покаже пријателство, тогаш истиот пример од Битола треба да го покаже и во Благоевград и Сандански и да им овозможи и на Македонци во Бугарија македонски културен центар.

-Веднаш по тоа отворање Петков кога ќе замине во Софија треба да земе пример од тука, од Битола, и да направи сличен таков потег во Благоевград и Сандански, и на тие илјадници Македонци кои живеат таму да им овозможи еден ваков културен македонски центар којшто е во согласност со сите пресуди од Стразбур. А овие малкумина македонски Бугари, кои на пописот, што беше таков каков беше, некомплетен и манипулативен, се изјаснија дека отприлика околу 800-ини од нив го говорат бугарскиот јазик како мајчин, треба да го советуваат Петков истото тоа да го направи и во Бугарија за Македонците кои живеат таму и на тој начин навистина ќе го покажат и на дело тоа братство за кое тој цело време зборува и полна му е устата за братство и пријателство. Пријателството не се зборува, туку се покажува со дело, потенцираше Мицкоски.

Клубот беше отворен со интонација на бугарската, македонската химна, како и со маршот „Изгреј зора на слободата“. Пред доаѓањето на Петков имаше протести на „Широк сокак“.

Петков од Битола порача: културниот центар „Ванчо Михајлов“ да биде мост меѓу двете земји и да помогне да се освојат срцата на двата народа; важно е да се искорени омразата и бугарската заедница во Северна Македонија да се чувствува рамноправно. Но, тој избегна да одговори на новинарското прашање дали и кога ќе дозволат Македонците да отворат свој клуб Бугарија и македонски премиер да дојде на неговото отворање? На истото прашање и бугарската потпретседателка Илиана Јотова одговори со прашање „кои се тие Македонци во Бугарија“, нагласувајќи дека досега до нив никој не поднел барање за отворање македонски клуб.

Инаку, Судот за човекови права во Стразбур има вкупно 16 пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, од кои 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Судот за човекови права во Стразбур во 2001. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди, Бугарија ги спроведе до денеска. А ни останатите 5 што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од бугарските власти.