Струмичанецот, оперскиот пејач, Васил Гарванлиев е нашиот претставник на изборот во Холандија! -Од сѐ срце им благодарам на моето семејство и на моите соработници кој ме поддржуваат уште од самиот почеток, па дури и тогаш кога моите идеи им звучеа луди и апсурдни. Ве сакам! Подготвен сум за ова ново “патување” со отворено срце и искрена приказна. Овој пат ветувам дека ќе дадам сè од себе за мојата татковина, за сите нас. Се гледаме во Ротердам, вели Васил

Конечно ни олесна. Република Северна Македонија и оваа пролет и токму под ова официјално име ќе биде пак рамноправен учесник на Евровизискиот фестивал кој во месец мај ќе се одржи во градот Ротердам, во Холандија, бидејќи таа земја минатата година победи во Израел. Наш претставник ќе биде струмичанецот Васил Гарванлиев кој радосната вест веднаш ја сподели со сите нас на својот ФБ. -Откога паметам за себе, музиката е сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгогодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено по успешниот пласман со Тамара минатата година. А, оваа година не можеше да ми започне со поубава вест, емотивно напиша Гарванлиев. Тој зад себе има едно евровизиско искуство. Учествуваше на фестивалот минатата година во Израел како одличен придружен вокал на македонската претставничка Тамара Тодевска, заедно со струмичанката Александра Јанева и со Антониа Гиговска.
Кој е всушност Гарванлиев?

Васил е роден во Струмица. Тој ѝ стана познат на јавноста кога на 7-годишна возраст учествуваше на фестивалот „Златно славејче“ и се прослави со детската песничка „Марионка“ која стана хит, а која и до денес се слуша. На 10 години се преселува со неговото семејство во САД. Таму продолжува да ја развива музичката професија. Пее поп-соло во Чикаго. Меѓутоа на 17 години од некои неразјаснети околности беше депортиран со неговото семејство од САД, па животот и образованието го продолжи во Милано, Италија. Подоцна замина и во Торонто, Канада. Таму беше примен со целосна стипендија на Кралскиот конзерваториум. Во 2018 година се враќа во својата Струмица, привлекувајќи го вниманието на македонската естрада со неговата песна „Ѓердан“ која ја објави во септември месец. Во април минатата година публиката пријатно ја изненади со својот најнов проект насловен како „Дом, патување, љубов“ кој е спој на седум македонски евергрини со традиционални песни, тематски споени во три столба на: дом, патување и љубов, а со поддршка на гитарата од струмичанецот Горан Алиќ.

Васил сега има веќе 35 години и е дипломиран оперски пејач. Неговата кариера се одвива и во водите на поп музиката, а настапот на Евровизискиот фестивал ќе биде само логичен редослед на неговите меѓународни успеси. Познатите странски евровизиски обложувалници веќе многу позитивно реагираа на веста дека Гарванлиев е македонскиот евровизиски претставник.

Добро го паметат од Израел, не само како одличен вокал, туку и како харизматична личност која многу придонесува за висок пласман на самата фестивалска сцена. Засега песната со која Васил ќе се претстави пред милионскиот аудиториум не е позната. МРТВ допрва ќе работи на тоа, па да се надева дека за ваков добар пејач со моќен глас ќе се најде и моќна песна која ќе ја има токму таа моќ во рок од 3 минути да ја освои цела Европа.      Дуле М./foto:FB Vasil G./