Фудбалската репрезентација на Македонија има убава шанса со победа против Израел на домашен терен да ги заокружи настапите во квалификациите за Европското првенство 2020 година.

„Црвено-жолтите“, утре, во 20:45 часот ќе го пречекаат Израел, меч кој ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“, каде што со триумф избраниците на Игор Ангеловски ќе се обидат да дојдат до третото место, што бил најдобар пласман во историјата за нашата сениорска селекција. Но, за тоа се прашува и Словенија, која не смее да освои ниту бод на гостувањето во Полска.

  • Не постои притисок за нас за да го освоиме третото место туку ние на таа шанса гледаме како мотив. Овие фудбалери за сето тоа што го покажаа во овие квалификации заслужија да завршат на третото место во групата. Секако, одиме на победа, но Полска мора да ја победи Словенија ако сакаме нешто такво. Математиката не ме интересира, ме интересира само играта, да влеземе тактички и психофизички подготвени. За сè што овие момци направија во овие квалификации заслужија добар пласман. Максимално подготвени и мотивирани сме да излеземе на терен и да ги израдуваме повторно нашите навивачи, истакна селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

Македонија отпадна од трка за директен пласман, па сега за пласман на ЕП единствена шанса и е Лигата на Нации, каде игра против Косово во полуфиналето, а потоа во евентуалното финале ќе се соочи против подобриот од дуелот помеѓу Белорусија и Грузија.

Фото: Петр Стојановски