Македонија енергетски ќе се поврзе и со Албанија

694

АД МЕПСО потпиша два договора со компаниите „Енергоинвест“ од Република БиХ и „Кончар“ од Република Хрватска за реализација на два капитални проекта во електроенергетскиот систем. Првиот проект е изградба на нов 400 киловолтен интерконективен далновод, а вториот изградба на нова 400/110 трафостаница во Охрид. За реализација на овие два проекта се предвидени 35 милиони евра, кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Како што истакна генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева, со реализација на ваквите проекти се обезбедува поголема стабилност и доверба во нашиот електроенергетски систем и подобро поврзување со енергетските системи во регионот.

-Со изградба на 400 киловолтниот далновод „Битола 2“ ќе се овозможи поврзување на електропреносните системи на Македонија и Албанија како последна земја од регионот со која нашата земја досега не беше енергетски поврзана. Овој далновод е дел од „Коридорот 8“ и ќе значи транзит на електрична енергија од Бугарија преку Македонија и Албанија до Италија. За изградба на овој далновод се склучи договор со „Енергоинвест“ од Република БиХ во износ од 17,22 милиони евра заем од ЕБРД и грант од „Балкански инвестициски фонд“, истакна Шуклева.

Таа додаде дека со реализација на вториот договор, кој се склучи со компанијата „Кончар“ од Република Хрватска, ќе се реализира изградба на нова 400/110 трафостаница во Охрид и проширување на трафостаницата „Битола 2“. За реализација на овој договор потрребни се 16,95 милиони евра обезбедени од ЕБРД и грант од „Балкански инвестициски фонд“.

-Со реализација на овој проект ќе се обезбедат потребите од електрична енергија на Охрид и регионот за наредните 30 години, подвлече Шуклева.

Премиерот Оливер Спасовски рече дека се работи за два капитални проекта, со кој ќе се поврзат електроенергетските системи на Македонија и Албанија и ќе се обезбеди постабилно и подолгорочно снабдување со електрична енергија на Охрид и околината.

-Освен овие два проекта во износ од 35 милиони евра, МЕПСО веќе има започнато повеќе проекта за модернизација на трафостаници и изградба на нови 110 киловолтни далноводи вредни над 30 милиони евра. Овие големи капитални проекти овозможуваат енергетско поврзување со Албанија, а со завршување на овој проект во полна функција ќе се стави енергетскиот коридор Исток-Запад што ќе значи транзит на струја од Бугарија преку Македонија и Албанија до Италија, истакна Спасовски.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека овие инвестиции се значајни за развој и поврзување на енергетските системи во целиот регион.

-Со новата трафостаница кај Охрид ќе се надминат проблемите со снабдување со електрична енергија во Југозападниот дел од државата. Покрај овој проект активно се работи на изградба на нов далновод кај Штип, а во тек е и замена на повеќе стари далноводи со нови. Целта е граѓаните да добијат квалитетно и сигурно снабдување со електрична енергија, истакна Сугарески.

Претставници на компаниите „Енергоинвест“ од Република БиХ и „Кончар“ од Република Хрватска истакнаа дека овие проекти се важни како за Македонија така и за регионот, бидејќи ќе обезбедат поголема сигурност во снабдување со електрична енергија и поголемо енергетско поврзување на целиот регион. (А.С.)