Македонија го доби „Бело копче“ – легендарниот сараевски рок-бенд „Бијело дугме“ на наш начин – Одличен музички потфат!

685

Како што повеќе не постои легендарниот состав „Бијело дугме“ од Сараево, во својата прва легендарна постава во која беа Горан Бреговиќ и Жељко Бебек, така сè повеќе расте желбата еден убав ден пак да ги видиме заедно на сцена. Но, се чини дека тоа е невозможно, пред сè поради тоа што Горан и Жељко поодамна се скарани, не комуницираат. Но, за утеха, тие кај нас, во Македонија, ја добија својата оригинална копија. Нашите музичари ни го враќаат сеќавањето на нив освежувајќи ни ги емоциите и спомените токму со таков трибјут бенд. Тие буквално не само што до тон ја симнале музиката на оние што, веројатно, биле нивни идоли туку се трудат и физички што повеќе да личат на нив. И во изгледот со помош на шминка, перики, разни маски и во облекувањето, но, секако, и во однесувањето на сцената, имитирајќи го секое движење, секој гест, секој изговорен збор на главните јунаци од нивната рокенрол приказна, кои тие ги „глумат“ на сцената. Мислиш, секој миг треба да се појават на сцената во популарното балканско шоу „Твоето лице звучи познато“.

Инаку, во неколку наврати, и во Македонија доаѓале вакви странски трибјут бендови, најмногу во Скопје (Queen, David Bowie, ABBA, Pink Floyd, ЕКВ, Азра…), но вистински македонски трибјут бенд на некоја група досега не сме имале. Но, отсега имаме. Легендарните момци од „Бијело дугме“ во стварностa се преточени преку групата составена од наши врвни музичари, формирајќи го проектот наречен „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“.
Поради ковид-пандемијата, не беа во можност веднаш да го покажат на виделина тоа што го создале, но сега, по сè изгледа, доаѓа вистинското време „копчето да се откопча“ и да го покажат сиот музички и визуелен раскош.

Токму затоа гитаристот Стевче Грозданов (како Горан Бреговиќ), пејачот Зоран Рудан-Цеки (како Жељко Бебек), басистот Горан Гешовски (како Зоран Реџиќ), тапанарот Сашо Стојановски (како Горан Ипе Ивандиќ), клавијатуристите Борислав Драганов-Боби (како Лаза Ристовски), Давор Јордановски и Мирослав Милковски (како Владо Правдиќ), како и придружните вокали Билјана Ѓошева и Боба Танева (како Амила Сулејмановиќ и Зумрета Миџиќ-Зу) станаа дел од тој македонски проект посветен на најголемата група на сите поранешни ЈУ- простори – „Бијело дугме“. Така што „Бело копче“ е составено од врвни македонски музички имиња, музички професионалци од македонската естрада. Поентата на постоењето на оваа трибјут група е свирењето на песните на „Бијело дугме“ во оригинална верзија како што прилега на врвен трибјут бенд.

– Групата постои околу две години, но поради пандемијата, немавме услови за јавен настап, па во тој период се обидовме да снимиме седум спота со познати песни од „Бијело дугме“: „Кад би био бијело дугме“, „Тако ти је, мала моја, кад љуби Босанац“, „Да сам пекар“, „Сањао сам ноћас да те немам“, „Лажеш злато, лажеш душо“, „Ружица си била“ и „Ево, заклет ћу се“ – порачаа членовите од овој бенд.
– Со гордост го претставувам новиот проект наречен „Бело копче – трибјут Бијело дугме“. Се надевам дека ќе ви фати око. На нашата ФБ- страница ќе промовираме седум песни, снимени во живо, од најдобриот бенд на сите времиња на Балканот – „Бијело дугме“.
Како прво, да ја претставам песната „Кад би био ‘Бијело дугме’“ – напишал гитаристот Стевче Грозданов.

А, кога и каде ќе можеме да присуствуваме на првиот сценски перформанс во живо на македонското „Бело копче – Tribute Бијело дугме“, останува да видиме. Она што може да се добие како впечаток од најавеното нивно видео, е доста примамливо. Се гледа дека екипата навистина се потрудила и музички и визуелно максимално да заличи на славниот бенд на Бреговиќ и другарите, кои во она време „тресеа“ на југословенската естрада и со песните, и со концертите и со продадените грамофонски плочи, сосема поинакви од другите. За „Бијело дугме“ со воодушевување зборуваше дури и претседателот на СФРЈ, другарот Тито, кој особено беше среќен кога ја виде групата на една летна работна акција, кога групата, заедно со младината, го промовираше познатото братство и единство на југословенските народи и народности. (Д.М.)