Во земјава се одржуваат Локалните избори 2021, на кои за градоначалничката функција ќе се натпреваруваат 300 кандидати, а ДИК потврди и 576 листи за советници. Свои кандидати имаат коалиции, политички партии, а овој пат има и бројни независни кандидатури. Градоначалници и советници ќе се избираат во сите 80 општини и Градот Скопје.

Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Ако во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број на избирачи, се повторува целата изборна постапка за општината.

Во дваесетина општини гласањето би можело да заврши во првиот изборен круг бидејќи таму се кандидирани само по двајца кандидати за градоначалници.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови, согласно со членот 132, став 1, од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето, а за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.

Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондт-овата формула. Според формулата, вкупниот број на гласови добиен за предложените кандидатски листи се дели со низата на делители 1,2,3… сè до бројот на членовите на советот кои се избираат во конкретната општина. Вака добиените количници се редат по големина, при што се земаат предвид оние најголеми количници колку што се избираат членови во советот. Една листа на кандидати добива онолку членови во советот колку што има најголеми количници од оние кои се земени предвид.

Кампањата за вториот круг од изборите почнува веднаш по неделните избори, во понеделник на 18 октомври и завршува на 29 октомври. Гласањето во вториот круг треба да се одржи на 31 октомври.

На овие избори најмногу кандидати има за Скопје – 12, а потоа се Струга и Долнени, со по осум кандидати, додека во десетина општини има само по двајца претенденти за градоначалничка функција. Независни се 24 кандидати.

Ова се седми по ред локални избори, 25 години по првите локални избори по осамостојувањето кои се одржаа во ноември 1996 година. Последните локални избори се одржаа во октомври 2017 година. На овие локални избори настапува радикална промена на “партиските” бои на локално ниво. СДСМ од четири преминува на освоени 57 градоначалнички позиции, ВМРО-ДПМНЕ од 56 се сведува на победа во само пет општини.

За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите. Изборите ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од ковид-19. Денес сабота,  ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и оние кои се во самоизолација.

На овие локалните избори, ќе може да гласаат 1.824.864 граѓани.

Според распоредот на силите и кандидатите, аналитичарите велат дека ова ќе бидат исклучително интересни избори, бидејќи во повеќето општини резултатот ќе биде неизвесен до самиот крај, а во многу малку општини може да се предвиди кој кандидат ќе победи уште во првиот круг.