Македонија во центарот на вниманието и на исток и на југ

138

Бугарија може да остане сама во спорот со Македонија, смета Кирил Илиев, историчар од Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките.

Илиев во изјава за ТВ Блумберг, коментирајќи ја бугарската позиција кон Скопје и ставовот на Германија како актуелен претседавач со ЕУ дека не треба да се поставуваат нови критериуми, вели дека Бугарија нема јасен концепт за целите што сака да ги постигне во односите со Македонија.

– Општо, Бугарија нема целисходна политика што строго ќе се следи и нема да се отстапува од неа. Бугарите се прекумерно емоционални за македонското прашање, за Северна Македонија, додека во соседните земји Србија и Грција пристапуваат прагматично според нивниот интерес, рече Илиев.

Во Бугарија и во Македонија, забележува бугарскиот историчар, има партии и личности чиј политички живот се темели целосно на македонското прашање.

– Не постои политичка партија во Северна Македонија што не ја користи историјата како своја идеологија, но на начин што и одговара, рече Илиев, посочувајќи ја опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која, како што наведе, „го користи меморандумот на Бугарија за да додаде бензин во огнот“.

Тој смета дека историската дебата меѓу Бугарија и Македонија не може да се избегне, зашто тоа е темелот на проблемот меѓу двете земји.

Нерешавањето на историските прашања, според него, ќе ги остави Македонците да продолжат да мислат се најлошо за Бугарија и да ја прифаќаат земјата негативно. – Треба да се решат историските проблеми за да не останеме за денешните Македонци „татар-монголи, фашисти, окупатори, комунисти“. Ова е најлошото што ни се става како етикета, истакнува Илиев.

Бугарскиот историчар се надева дека комисијата формирана од експерти од двете земји наскоро ќе продолжи да работи и ќе ги расчисти несогласувањата.

– Погрешно беше што секоја информација за работата на заедничката експертска комисија стана јавна за луѓето во двете земји и се користеше за политички цели, изјави Илиев.

Тој истакнува дека нема проблем во комуникацијата на Бугарите со народот на Македонија до моментот додека не почне да се зборува за историјата, и е убеден дека тоа е пречка за приближување на културно, спортско и економско ниво.

– Не може да се прават компромиси со историјата, вели Илиев, осврнувајќи се конкретно на архивите за Гоце Делчев, за кого, како што посочува, македонската страна има 44, а бугарската 440 документи.

Според него, дебатата треба да се базира на историското документарно наследство, а во меѓувреме да се пристапи прагматично со изградба на автопат меѓу Софија и Скопје, железничка пруга и отворање нови гранични премини меѓу двете земји.

Ратификациите на меѓународните договори со Македонија за Грција не се итни  

Ратификациите на договорите со Северна Македонија не се итни, вели претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас, одговарајќи на соопштението од СИРИЗА, во кое од опозициската партија коментираат дека Владата на неодредено време ги одложува ратификациите.

Тасулас, во писмената изјава, како што пренесува МИА, објаснува дека на вчерашниот состанок на претседателите на Парламентот, но и во разговор со новинарите, меѓу другото, информирал дека „трите ратификации на меѓународните договори со Северна Македонија немаат карактеристика на итни“.

Од опозициската СИРИЗА, претходно, излегоа со соопштение во кое велат дека претседателот на Парламентот и Владата, од страв дека ќе има различни ставови од пратениците на Нова демократија, „на неодредено го одложува гласањето на договорите со Северна Македонија“ и тоа претставува „потврда на омаловажувањето на парламентарниот процес и предизборната измама на господинот Мицотакис“.

Предлог законите за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка“ и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје“, на 14 и 15 септември беа доставени во грчкиот Парламент, а според предвидените процедури, прво треба да бидат презентирани пред Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, а потоа и да бидат изгласани на седница во Парламентот.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас вчера рече дека сѐ уште не е одреден датум за ратификацијата на конкретните договори.

Дел од медиумите во Грција, но и портпаролот на СИРИЗА, во изминатите денови тврдеа дека Нова демократија, не може да најде пратеник кој би бил известувач во Парламентот за трите билатерални договори со нашата земја, за што Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на вчерашниот брифинг со новинарите истакна дека „не постои никаков проблем околу ратификацијата на трите договори со Северна Македонија“.

Објасни дека Нова демократија беше против Договорот од Преспа и „како опозиција направи сѐ што може за да го спречи“, но сега, кога Грција, во односите со Турција се повикува на меѓународото право, не може да не го зема предвид меѓународниот договор со Северна Македонија.

-Предупредивме дека ако еден меѓународен договор се ратификува, не може да се смени. Денес, сите сфаќаат дека кога ние како темел го имаме меѓународното право за да се соочиме со турската провокација, не можеме оваа наша обврка да ја исполнуваме „a la carte“. И да велиме дека се повикуваме на меѓународното право во врска со Турција, а да не го земаме предвид во врска со Северна Македонија. Според тоа, договорите одаат напред, не постои никакво такво прашање и секако сакам да истакнам дека еден од овие се однесува на контролата на FIR на Северна Македонија  од грчкото воздухопловство. Според тоа не постои некакво прашање, рече Пецас.

Со оглед на тоа дека трите меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, се први што доаѓаат по промената на власта во Грција, од опозициската СИРИЗА, кога ратификацијата ќе биде на дневен ред во Парламентот, ќе побараат јавно гласање, со прозивање на сите пратеници, нешто што во неделата го потврди и лидерот на партијата Алексис Ципрас, велејќи дека очекува гласањето на 158-те пратеници од Нова демократија, да биде и извинување за нивната опозициска реторика за Договорот од Преспа.

-Секој од 158-те пратеници со својот глас, ќе дава и едно извинување.  Очекуваме 158 извинувања. Извинување за поделбата, извинување за лагите, извинување за измамата, извинување за хистеријата, извинување за нападите, извинување за куршумите до министрите и пратениците од СИРИЗА, извинување за подметнувањето пожари пред нивните домови, извинување за мизеријата што се случи пред две години, рече Ципрас во неделата на прес конференцијата во Солун.

Соседните држави имаат колебања, но сега е време за солидарност во ЕУ

Скопје и Софија треба да најдат заедничко решение за меѓусебниот проблем на начин што нема да биде доведено во прашање одржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ, порача словенечкиот претседател Борут Пахор при неговата посета на Македонија.

Словенечкиот претседател потсети на искуствата што неговата земја ги имала на патот пред зачленувањето во ЕУ, но и потоа, кога била во позиција да биде блокирана, но и да блокира некоја држава и ги повика двете страни да најдат што е можно поскоро договор за отворените прашања, бидејќи, како што кажа, одложувањето дополнително ќе го усложнува решавањето на проблемите. Според него, треба без одложување, по тивките, како што рече, дипломатски канали, но и отворено, на ниво на ЕУ, да се најдат сите патишта меѓувладина конференција да почне.

-Не можам да кажам колку е тоа битно. Мојата посета тука не е случајна, не е случајно ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27. држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска вештина да стори се меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сè уште важи индивидуалниот пристап, потенцира Пахор на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Предизвикот, дополни, е многу голем, но со вешта дипломатија и цврста одлука да се почитуваат постигнатите договори, може да се реши. Северна Македонија, потенцира Пахор, последните години направи толку многу за да ги исполни сите услови на ЕУ, така што сега би било неверодостојно да се одложат билатералните разговори со Унијата.

Претседателот Стево Пендаровски, говорејќи за меморандумот од Бугарија кажа дека земјава е отворена за компромис по спорните прашања. Запрашан дали може да појасни за какви компромиси се мисли, Пендаровски рече дека за тоа не може да каже уште сега.

„Тоа е процес што тече. Но, бидете сигурни, сите политички фактори, од наша страна, дека нема да дозволиме тој иден компромис по неколку точки од декларацијата да ги наруши нашите национални и државни интереси. Мислам дека сме на јасно кои се нашите црвени линии, неколку пати се јавно кажувани“, рече Пендаровски.

Шефот на државата најави дека во наредниот период ќе се отвори комуникацискиот канал со Софија.

-Би почекал следните недела-две како ќе се одвива преговарачкиот процес во Брисел. Има сигнали дека може да се најде компромис за неколку точки. Апсолутно сум убеден дека нашите бугарски пријатели нема да си дозволат да бидеме блокирани во декември, напомена Пендаровски.