Пред македонската кошаркарска репрезентација се најважните два натпревари кога се во прашање квалификациите за Европското првенство, против Италија на 28 ноември и три дена подоцна против домаќинот Естонија, мечеви кои ќе се одиграат во Талин.

За овие натпревари, селекторот на нашата селекција, Александар Тодоров, ги одбра „војниците“ со кои ќе брка пласман на континенталниот шампионат, а во јавноста најмногу паѓа во очи отсуството на најдобриот македонски кошаркар за 2019 година –  Ненад Димитријевиќ. Тоа, секако, ќе претставува голем хендикеп за националниот тим кој ќе мора да брка најмалку една победа доколку сака да ги задржи шансите за обезбедување билет на ЕП!

Димитријевиќ моментно се рехабилитира од коронавирусот и беше планиран за директно да им се приклучи на соиграчите во Талин, но во последен момент отпадна од списокот. Но, најверојатно ковид-19 придонесе тој да не отпатува за Естонија, поради моралната изолација која мора да ја мине. Покрај него отпаднаа уште неколку кошаркари како Кирил Николовски, Стојан Ѓуроски, кои поради сличен проблем или повреда нема да бидат во можност да им помогнат на соиграчите во националниот тим.

Тодоров на располагање во Талин ќе има само двајца интернационалци, тоа се капитенот Војдан Стојановски, и натурализираниот Македонец, Џејкоб Вајли, кој игра на позицијата крилен центар.

Од оние кои изминатите денови тренираа во Скопје, нема да патуваат Дамјан Робев и Андреј Митревски, но затоа, за прв пат во составот ќе се најдат талентираните Лука Савичевиќ и Леонид Тодоровски, а исто така и повратникот во националниот тим, Бојан Трајковски. Покрај нив, на списокот се уште и Љубомир Младеновски, Виктор Ефремоски (Работнички), Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Филип Бакоч, Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром) и Марко Симоновски (Кожув).