Македонецот Галоски во скопското in live-шоу на Тиесто – светската ѕвезда на електронска музика

76

Се подготвува големото шоу „In live“ на отворено, за сите оние што се страсни љубители на електронската музика. Најголемата и најбарана диџеј-ѕвезда на електронската музика на сите времиња, Тиесто, ќе има концерт во Скопје, на 16 јуни и, секако, во организација на „Авалон продукција“.

Инаку, Tиесто важи за многу повеќе од диџеј и продуцент. Уривајќи ги сите рекорди со секој свој настап, се искачи во самиот врв од популарноста. Уметник кој гордо, во последниве неколку години, ги носи титулите The greatest DJ of all time според магазинот „Mixmag“, No. 1 DJ според магазинот „Rolling Stone“ и The Godfather of EDM според „Billboard“.
На турнеите и настапите ширум светот, тој и неговиот тим секогаш внимателно го избираат својот специјален гостин, кој официјално настапува пред него и е претставуван како официјална домашна поддршка. Овој пат на македонскиот концерт ќе биде еден од нашите најуспешни диџеи – Александар Галоски, кој е одликуван од елитната „1001 tracklist”, додека „Tomorrowland“ го прогласи за future star artist. Неговата музика е поддржана и од Дејвид Гета.
Нашиот Галоски ќе настапи со специјален сет пред шоуто на Tиeсто.

Во последниве неколку години, Галоски издаде одлични ленти, кои добија огромна поддршка од големите имиња на електронската музичка сцена, а лани ја отвори својата издавачка куќа „Unlimited Fuego”, чии изданија се поддржани токму од Тиесто, но и од Afrojack, Martin Garrix, David Guetta, Steve Aoki, Diplo, Alesso и од други. Интересот за шоуто на Tиесто во Скопје е навистина огромен и кај публиката во Србија, Бугарија, Албанија…се очекува во Скопје да пристигнат голем број негови фанови од овие земји. (Д.М.)