Македонецот Боби Цаневски со песната на српски јазик „Удри бригу на весеље“ ја освои публиката во Босна, Црна Гора и Србија

309

Иако не ги покани новинарите, кои постојано му ја следат кариерата, победникот на музичкото балканско шоу „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно), Македонецот Бобан Боби Цаневски и без присуство на седмата сила, сними нов спот и нова песна. Се разбира, на српски јазик, за потребите на српскиот музички пазар, што подразбира и освојување на публиката во Босна, Црна Гора и во Хрватска, но и за овде, кај нас во Македонија, кои немаме проблеми со разбирањето на текстовите на песните што се пеат на тој јазик. Песната и спотот се со ист, оптимистички наслов – „Удри бригу на весеље“. Како автори се потпишуваат веќе докажани музички имиња. Музиката е дело на нашиот Блаже Темелков, додека текстот го напишаа, исто така, нашите Татјана Петровска и Сашо Младеновски, кој воедно го направи и одличниот аранжман. Песната се врти на популарниот јутјуб-канал и за само неколку дена постигна фантастична гледаност со околу 40.000 кликови, што значи дека публиката е освоена, а особено женскиот дел.

Боби е скромен по својот карактер, не знае многу-многу да се фали и воедно е искрен кога кажува дека по победата во „Никад није касно“, неговиот професионален живот се сменил за сто насто. Од скоро анонимно момче, стана еден од најбараните во голем број кафеани, кафулиња и ресторани. На неговиот репертоар, покрај македонски, се и најомилените некогашни југословенски шлагери, но никогаш заборавени, кои ги пееле: Здравко Чолиќ, Киќо Слабинац, Мики Јевремовиќ, Боба Стефановиќ, Златко Пејаковиќ, Махир Палош, Мишо Ковач, Ѓорѓе Марјановиќ, Арсен Дедиќ, Владимир Савчиќ-Чоби, Ѓорѓе Балашевиќ… Но, и ние да бидеме искрени, дека на Боби му е максимално рипната и заработувачката од тие настапи. Секако, заслужено. Не е баш толку лесно секоја вечер да се пее по пет-шест часа меѓу толку многу луѓе, кога и воздухот станува „претесен“.

– Навистина сум искрен кога ќе кажам дека се променија многу работи по моето учество во шоуто „Никад није касно“. Газдите на кафеаните постојано ме бараат за настапи, ме бараат и на приватни прослави. Оваа моја најнова песна доаѓа во вистинско време, тамам кога ми се движи популарноста во нагорна насока. Не дојдов толку лесно до оваа интересна песна со многу добар наслов „Удри бригу на весеље“. Пред да се одлучам за неа, преслушав повеќе од педесет други во демо-верзија. Најпосле пресеков и одлучив дека таа е мојата вистинска – вели Боби за весникот ВЕЧЕР.

Ние за крај би додале само дека Боби не се излажал во проценката, во изборот на песната, која ги има сите елементи да стане летен хит. А и спотот му е добар. Само уште и новинарите да беа присутни на снимањето, да ја доживеат таа атмосфера додека „грижите се свртуваат на веселба“, со тоа сè ќе си беше тамам.                         Дуле Миќиќ