Повеќе од 20 француски полициски службеници се соочуваат од интерна казна поради одржување на забава во полициската станица во која се снимени како танцуваат на “Макарена” и ги кршат правилата за заштита од вирусот.

Портпаролот на француската полиција изјави дека оние кои присуствувале на забавата во париското предградие Обервил ќе поднесат извештај за своите постапки и дека се планирани санкции.

Тој не ги опишал детално планираните казни, пренесува “АП”.

“Забавите и дружењата се забранети во сите полициски објекти, додека истовремено, потребно е да се носат маски и да се придржува до социјалната дистанца, а бројот на луѓе кој е дозволен во било која просторија е ограничен”, рекол портпаролот.

На снимката од настанот се гледа како неколку луѓе танцуваат без маска во преполна соба. Забавата се одвивала во полициската станица, а поводот за дружење бил заминување на колега од службата.

Видеото поттикнало критики во момент кога француската полиција спроведува полициски час од 18:00 до 06:00 часот, во обид да се намали ширењето на вирусот.