Д-р Весна Неделковска, раководител на смена во Итна медицинска помош, за весникот ВЕЧЕР потврдува дека во текот на последните 24 часа на телефонскиот број на Брзата помош имале од 120 до 130 повици, а се реализирани околу 80 интервенции. Најчесто деновиве тие се жалат на летни проливи кои се проследени со гадење, повраќање и со покачена температура. И според д-р Владимир Ристовски, кардиолог-интернист во Oпштата градска болница “8 Септември”, во кардиолошките амбуланти е зголемен бројот на пациенти кој се жалат на вртоглавици, изразен замор, неможност да земат длабоко воздух, срцебиење, што неретко како прв симптом може да биде и срцев и мозочен удар. 

 

Македонија гори, температури над 40 Целзиусови степени го вжештија и дежурниот телефонски број 194 во Итната медицинска помош, каде во текот на едно деноноќие се регистрираат и по 130 јавувања од граѓани кои не само што бараат брзи интервенции, туку и стручни совети како да се справат со тегобите.

Д-р Весна Неделковска, раководител на смена во Итната медицинска помош, за весникот ВЕЧЕР потврдува дека во текот на последните 24 часа на телефонскиот број на брзата помош има од 120 до 130 повици, а се реализирани околу 80 интервенции.

-Луѓето покрај интервенција бараат и совети, но деновиве најчесто  тие се жалат на летни проливи кои се проследени со гадење, повраќање и со покачена температура – вели д-р Неделковска.

Се јавуваат и хронично болните за хипертензија, како и коронарниот синдром, а тоа е градна болка на која често се жалат. Топлото време ја намалува и концентрацијата на возачите.

-Во текот на вчерашниот ден во попладневните часови на подрачјето на Скопје во период од 16 до 19 часот имаше 7 сообраќајни несреќи на кои интервенираше Итната медицинска помош, информира д-р Неделковска и дополнува дека тоа е навистина многу за еден период од три до четири часа.

Изминатиов период, високите температури беа причина за бројните колапси.

-Денеска до пладне имавме три колапси на улица, по што лицата се пренесени во болница. Мозочни удари немаше, но се препорачува да се намали физичката активност, да не се излегува кога е топло, особено во периодот од 11 до 17 часот. На тие што им е препорачано да прават прошетки тоа да го прават рано наутро или доцна навечер – дополнува д-р Неделковска.

Таа препорачува граѓаните да практикуваат лесна исхрана, користење на овошје и зеленчук, да не се користат многу газирани пијалаци, да пијат најмногу обична вода, како и да се избегнува излегување од многу ладно, во многу топло.

-Да се користат заштитни креми зашто сонцето исто грее и кај нас и во Грција. Можно е да се добијат изгореници  – препорачува д-р Неделковска.

Според д-р Владимир Ристовски, кардиолог-интернист во Oпштата градска болница “8 Септември”, високите летни температури ја влошуваат  општата состојбата кај луѓето со кардиоваскуларни болести (артериска хипертензија, прележан срцев удар, срцева слабост итн) како и кај оние пациенти што имаат хронични болести на белите дробови (ХОББ, астма) и предизвикуваат зголемена смртност.

-Проблеми може да се јават и кај постарите пациенти, доенчињата, но и кај работниците што работат на отворено и се директно изложени на сончевите зраци. Покрај влошување на хроничните болести може да се јават и акутни состојби од топлотниот бран како што е сончаница, топлотен удар и грчеви, како и проблеми со централниот нервен систем – објаснува д–р Ристовски за весникот ВЕЧЕР.

Во кардиолошките амбуланти е зголемен бројот на пациенти кои се жалат на вртоглавици, изразен замор, неможност да земат длабоко воздух, срцебиење, но неретко како прв симптом може да биде и срцев и мозочен удар.

-Целни препораки за да се избегнат овие состојби е пациентите во период од 10 до 17 часот да избегнуваат тешка физичка работа, да не спортуваат во тој период, да користат доколку е можно светла облека, да пијат доволно течности (не алкохолни пијалаци), да земаат нискокалорична храна, да избегнуваат директен престој на сонце и нормално пациентите со хронични болести редовно да ја користат препишаната терапијата и контролите кај своите матични лекари да ги прават во претпладневните часови – укажува д-р Ристовски.

Д-р Ристовски кој за време на пандемијата од прв ден  е вклучен и во лекување на болните со ковид-19 појаснува дека пациентите со прележана корона вирусна инфекција можат да почувствуваат неретко и чести варијации на крвниот притисок,  срцебиење како и изразен замор.

-Затоа е потребно придружување на пациентите на препораките од своите лекари и редовно користење на терапијата, но доколку се влоши општата состојба да се јават на својот матичен лекар – дополнува д-р Ристовски.

Од Министерството за труд и социјална политика ги потсетуваат работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови.

(В.Ма.)