Премиерот изрази очекување  до 12 февруари, кога е планирано распуштањето на Парламентот да се донесе и овој закон.Иницијативата од Владата да се донесе едно вакво решение, како што кажа Заев, е заради тоа што сите во јавноста може да се согласат дека Законот за лустрација не е правичен, односно процесот на лустрацијата не беше правичен.Оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници доколку тие се починати имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Република Северна Македонија

Нема ништо поважно од враќањето на правдата кај некој што бил обесправен, а секој што нанел штета во минатото на државата и сакал тоа да се утврди преку лустрацијата секогаш постојат процеси кои државата може да ги утврди и да ги отвори како процеси за утврди таков вид одговорност, изјави вчера  премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни.

Премиерот изрази очекување  до 12 февруари, кога е планирано распуштањето на Парламентот да се донесе и овој закон.

Иницијативата од Владата да се донесе едно вакво решение, како што кажа Заев, е заради тоа што сите во јавноста може да се согласат дека Законот за лустрација не е правичен, односно процесот на лустрацијата не беше правичен.

-Кога еден процес целосно и недвосмислено е потврдено дека бил политизиран и бил носен со намера на политиката кој да биде лустриран, а кој не, тогаш имате најмала обврска тоа да го поништите. Секојпат општеството може да отвори какви сака процеси, но државата кога ќе нанесе штета врз еден поединец во општеството должна е да плати штета доколку правосудните инстанци го одлучат тоа, рече Заев.

Тој изрази верба дека Парламентот ќе го прифати и изгласа поништувањето на Законот за лустрација и оти и опозицијата ќе го гласа, во спротивно, како што додаде, ќе биде на страната на тоа што се случувало во делот на неправдата преку лустрацијата на граѓаните.

-Верувам дека ќе има најмалку мнозинство во Парламентот за да може да се донесе поништувањето на лустрацијата, а секој ќе има право на барање на надомест на штета, рече Заев.

Одговарајќи на прашање премиерот појасни дека ако законот се поништи тогаш може одреден лустриран  граѓанин да утврди барање – судска постапка на пример пред Скопје 2 Скопје ако е од Скопје или Струмичкиот суд ако е од Струмица или пред Битолскиот суд ако е од Битола… за надомест на штета, по што судот утврдува дали била навистина направена штета во колкав обем и кој е должен да ја надомести.

-Во многу случаи кога некој нанесува штета дури и поединецот што управува со институцијата е должен да ја врати таа штета на државата.  Системот е добро поставен, Парламентот е тој кој на крајот ја носи одлуката, а Владата како извршна власт донесе одлука по дебата од 2,5 години со институциите најмалку тоа што можеше да направи е да пушти Предлог законско решение за поништување на лустрацијата, истакна Заев.

Владата на вчерашната седница го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни. Станува збор за Предлог – закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Со овој закон, како што се наведува во соопштението, се исправа една долгогодишна неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори.

По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи.

Оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници доколку тие се починати имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Република Северна Македонија, согласно одредбите од Законот за облигационите односи, во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон, стои во соопштението.