Лустрацијата го разгоре огнот меѓу власта и опозицијата

93

Поради немање кворум во два наврати беше одложуван почетокот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која пратениците требаше да расправаат за потребата за носење на законот за поништување на лустрацијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата каде требаше да се одржи седницата, туку стоеја во собранискиот хол.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција соопшти дека нема да го поддржи Предлог-законот, додека СДСМ го критикуваше ваквиот став потенцирајќи дека опозициската партија „ја злоупотреби лустрацијата за политички, партиски, па дури и лични цели“. За опозицијата не е прифатливо државата да им даде пари на, како што велат, кодошите.

Партијата на аболираниот Заев сега прави аболиција на кодошите, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски по повод Законот за поништување на лустрацијата. Опозицијата нема да го поддржи Законот и ќе ги искористи сите законски средства.

– Децата на кодошите си ги амнестираат своите предци. Со СДСМ Македонија стана единствена држава во Европа во која нема лустрација на кодошите на комунистичкиот режим, кои цели кариери изградија врз база кодошење на македонските патриоти, но и недолжни граѓани. Македонија е единствена држава во Европа, во која кодошите на комунистичкиот режим кои местеа луѓе и уништуваа човечки судбини, наместо осуда, за тоа ќе добијат и пари од државата. СДСМ им овозможува на десетици кодоши кои зацрнија цели семејства, сега да добијат пари од буџетот, кој го полнат децата на некогашните нивни жртви. Во ЕУ не се оди со остатоците од комунизмот преобразени во демократи. Соработник на режим, не може да биде демократ. Македонија наместо европска држава станува како Северна Кореја каде со декрет на Заев се простува тоа што го правеле соработниците на тајните служби. Законот кој СДСМ го предлага е во целосна спротивност на европските вредности и демократските принципи и затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи. Одговорност за кодошите мора да има. И морална и политичка – рече Илиоски.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара министерката за правда Рената Дескоска да дојде на седница на Комисијата и да го образложи Законот со кој се овозможува поништување на лустрацијата и давање можност за нивно обесштетување.

Според Милошоски, со овој закон на кодошите кои напредувале во кариерата врз таа основа им се овозможува дури и обесштетување. Предложениот закон е во спротивност со Резолуцијата на Советот на Европа од 1996 година со која се препорачува сите држави каде што имало поранешни комунистички режими да воведат лустрација.

Дескоска во изјава за медиумите ја повика ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција.

„Деловничките обврски се исполнети и Комисијата треба да продолжи со работа, а ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција“, изјави Дескоска за МИА.

Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го блокира предлог-законот за поништување на лустрацијата е само уште еден доказ дека во оваа партија ништо не е променето, изјави пратеничка од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева.

-Наместо да се оградат, Христијан Мицкоски и дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги бранат бруталните злоупотреби на процесот на лустрација зад кои се криеше политичка и криминално мотивирана фамилија на режимот. На ниту еден можен начин ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се дистанцираат од грешките и злоделата на Никола Груевски, напротив ги штитат, ги бранат и ги чуваат. Ова е најдобар доказ дека Груевски му е шеф на Мицкоски и дека тоа е истото нереформирано, режимско ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотреби лустрацијата за политички, партиски, дури и за лични цели. Тоа можевме да го слушнеме и во прислушуваните материјали каде високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Милошоски, Јанкуловска, Груевски си нарачуваа лустрациски процеси по желба, смета пратеничката Калеска – Ванчева.

Според неа бруталната пресметка со неистомислениците и кршење на законот за лустрација, кои свесно ги спроведувала ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата се срамни и недозволиви и таа неправда, според СДСМ, треба да се исправи со новото предложено решение.

Покрај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, поништувањето на лустрацијата го опструираат и ДУИ и Демократската партија на Турците, поради што не може да се почне комисиската расправа за овој закон, објави претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски.

Собранискиот спикер Талат Џафери не сакаше да го коментира одложувањето на расправијата за Законот на поништување на лустрацијата.

 „Јас го гласав Законот за лустрација, немам проблем со тоа, а немам ниту проблем со Законот за укинување на лустрацијата. Немам посебен коментар“, рече Џафери.

Владата неодамна го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни. Станува збор за Предлог-закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Со овој закон, ценат од Владата, се исправа една долгогодишна неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори.

По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени, односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи.