Лула да Силва: Трамп не е светски лидер, нека си ја гледа својата работа

132

Поранешниот претседател на Бразил Луис Инасио Лула да Силва му порача на американскиот претседател Доналд Трамп да си ја гледа својата работа.

Тој исто така изрази солидарност со левичарските влади во регионот. Лула во петокот доби бројни пораки за поддршка од сегашни и поранешни латиноамерикански левичарски лидери.

Да Силва беше затворен од април минатата година и ослободен во саботата по одлука на Врховниот суд. Кога излезе од затвор одржа говор пред неколку стотици членови на синдикатите на работниците во металургијата во Сао Бернардо дел Кампо.

Тој порача дека е нормално да има критичари, но народот на некои земји треба да ги решава своите проблеми. Поранешниот бразилски претседател го критикуваше Трамп, со кого сегашниот претседател на Бразил, Болсонаро, дели многу политички и идеолошки ставови. „Трамп да си ги решава проблемите во САД и да не им пречи на Латиноамериканците, никој не го избра за светски лидер“ порача Да Силва.

Да Силва стана познат како синдикален лидер токму во Сао Бернардо, а таму и се предаде на полицијата на 7 април 2018 година за да почне да ја служи затворската казна за корупција. Некогашниот шеф на државата тврди дека не е виновен и дека процесот против него бил политички и монтиран.