„Лукоил“ ја отвори 31-та бензинска станица во земјава

187

„Лукоил Македонија“  ја отвори својата 31 бензиска  пумпа  лоцирана во населбата Ченто, на излезот од Скопје на патот за Арациново. Новата бензинска станица  има 12 вработени,  изградена  е на површина од 2000 м2 и е повеќенаменски комплекс со маркет, паркинг за лесни и тешки товарни.Потрошувачите на оваа бензиска пумпа ќе можат да се снабдат со економично и еколошко гориво.

На отворањето присуствуваа претставници на Владата, на Амбасадата на Руската Федерација и на локалната самоуправа.

-Новата бензинска станица е дел од стратегијата на нашата компанија за проширување на македонскиот пазар. Нашата цел е секојдневно да го подобруваме квалитетот на животот на нашите потрошувачи, снабдувајќи ги со висококвалитетни горива и најефикасна услуга,, изјави вчера  Андреј М.Куку, регионален управител на „Лукоил Македонија“.

Премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Сергеј Безднекин, истакнаа дека инвестиите на „Лукоил“ придонесуваат за развој на економијата во земјава.

-Новата бензинска станица на „Лукоил“ е од извонредно значење за овој регион и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје-Куманово. Секако, од значење е и отворањето на новите работни места како и придобивка за жителите на локалните заедници во двете општини. Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската Федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската Федерација, како значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност, изјави премиерот Заев.

Според амбасадорот Бездникин самата  дејноста на „Лукоил“ е видлив пример за успешна реализација на инвестициски проект, што позитивно влијае врз формирањето на објективниот образ на Русија во Северна Македонија, која, како што наведе, е заинтересирана за унапредување на заемно полезна соработка меѓу двете земји и нивните братски народи.

– Ја забележуваме подготвеноста на Владата предводена од премиерот Зоран Заев  за продлабочување на нашата соработка, за проширување на истата врз нови сфери во тој степен, во кој тоа им одговара на нашите заеднички интереси, рече амбасадорот Баздникин.

Покрај премиерот и амбасадорот на отворањето присуствуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалниците на Општина Гази Баба и Општина Арачиново, Борис Георгиевски и Миликие Халими, како и други претставници на државните органи и локалните власти.

Лукоил во земјава има вкупно 31 бензинска станица, од кои 10 во Скопје и околината, по три во Тетово и во Битола, по две во Куманово, Охрид, Струмица и Гевгелија, и по една во Кичево, Прилеп, Велес, ,Штип, Кочани, Радовиш и на Стража. (В.Ма.)