Кошаркарите на Далас ја продолжија серијата добри резултати, но без трипл-дабл на Лука Дончиќ. Словенечкиот вундеркинг ја навикна кошаркарската јавност на вонсериски партии во својата втора НБА сезона и летвичката ја подигна далеку повисоко, па дури и кога нема трипл-дабл Дончиќ изгледа брутално на теренот.

Во минималната победа над Орландо со 107:106, Словенецот забележа 27 поени и по седум скокови и асистенции, со што постигна нешто што ретко кој 20-годишен кошаркар би можел да се пофали.

Имено, на последните три меча Дончиќ има 87 поени, 34 скокови и 37 асистенции, што е трипл-дабл во просек од 29 поени, 11,3 скокови и 12,3 асистенции! Колку напредок бележи Лука во својата игра покажува фактот дека му недостасуваат само 0,5 асистенции за да има просек од трипл-дабл за целата сезона досега. Тој во моментов има просек по 26,7 поени, 10,3 скока и 9,5 асистенции. Неговиот минимум оваа сезона е 25-6-6, што во историјата на НБА лигата му успеало само на Леброн Џејмс пред 21. роденден.

Одлична партија имаше и Јанис Адетокумбо, кој беше најзаслужен за победата на Милвоки над Лос Анџелес Клиперс со 129:124. Грчкиот центар забележа 38 поени, 16 скокови и девет асистенции.

Резултати: Детроит – Њујорк 122:102, Индијана – Вашингтон 121:106, Атланта – Чикаго 93:113, Хјустон – Голден стејт 129:112, Торонто – Сакраменто 124:120, Мемфис – Минесота 137:121, Далас – Орландо 107:106, Јута – Филаделфија 106:104, ЛА Клиперс – Милвоки 124:129.