Лукашенко: Ќе го запреме транзитот на гас во случај на санкции!

528

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска се закани дека ќе го запре транзитот на гас во Европа, преку транснационалниот гасовод Јамал-Европа, доколку Европската унија ги прошири санкциите кон Минск, пренесува агенцијата Белта.

„Ние ја снабдуваме Европа со греење, а тие се закануваат со затворање на границата. А што ако го исклучиме природниот гас овде? Затоа би им препорачал на лидерите на Полска, Литванија и другите празноглави поединци да размислат пред да зборуваат“, рече Лукашенко на владината седница, пренесе ТАСС.

ЕУ и НАТО го обвинуваат Лукашенко дека ги користи мигрантите како оружје за притисок врз Западот, испраќајќи луѓе кои бегаат од Блискиот Исток во Минск, а потоа до границите на Полска и балтичките земји, пренесува Танјуг.

Брисел најави санкции против Белорусија поради ситуацијата со мигрантите на полско-белоруската граница. Амбасадорите на 27-те земји-членки на ЕУ во средата се согласија дека тоа е „хибридна војна“ на белорускиот претседател Александар Лукашенко и дека постои правна основа за нова рунда санкции.

Белорусија и нејзиниот сојузник Русија ја препишуваат целата вина на Европа. Кремљ ја обвинува дека не се придржува до нејзините хуманитарни идеали и дека се обидува да ја „задави“ Белорусија со затворање на дел од границата. Москва смета дека е неприфатливо ЕУ да воведе нови санкции кон Минск поради таа криза.

Така во средата Русија донесе ретка одлука да испрати два бомбардери да патролираат во белорускиот воздушен простор, што е знак на поддршка за својот сојузник во време кога се расправа со Европската унија за мигрантите на границата со Полска. Два бомбардери Туполев Ту-22М3 испратени од Русија во Белорусија можат да носат нуклеарни бомби, вклучително и хиперсонични дизајнирани да ја заобиколат софистицираната западна воздушна одбрана.