Лудиот Макс никој не го сопира по скопските улици! 

373

Децибелите од моторите и автомобилите им ги параат ушите на скопјани. Особено загрозени од ваквата силна бучава се оние што живеат покрај главните сообраќајни артерии кои реагираат на социјалните мрежи и ги прозиваат надлежните, особено сообраќајната полиција, да ги спаси од секојдневните маки што им ги прават „дивите“ тркачи со мотори и автомобили. Во акцијата на МВР спроведена во саботата во ноќните часови, приведени се четворица мотоциклисти

Силни и иритирачки звуци од мотоцикли и од автомобилите што со огромни брзини се движат по градските улици и булевари, особено во ноќните часови ги иритираат и будат скопјани од сон. Особено загрозени од ваквата силна бучава се оние што живеат покрај главните сообраќајни артерии кои реагираат на социјалните мрежи и ги прозиваат надлежните, особено сообраќајната полиција да ги спаси од секојдневните маки што им ги прават „дивите“ тркачи со мотори и автомобили.

– Вчера имаше барем десетмина дивјаци, некои со мотори беа, некои со коли. По „Партизанска“ возат како да се на рели. Може некој да настрада. На карпошани им е “домашна задача” да се замараат со моторџииве бидејќи нема кој друг – се само дел од коментарите на жители на Карпош кои живеат во зградите покрај булеварот „Партизански одреди“.

Велат дека постојано пријавуваат во полиција и дека постојано оттаму го добиваат истиот одговор… „ќе пратиме екипа“.

Слични реакции има и од жители во други делови на градот. На улицата „Благоја Стевковски“ во Маџари пријавуваат дека скоро секоја вечер има дивеење со мотори во доцните и во раните утрински часови. И на улицата „Антон Попов“ во Ченто е иста приказна секоја вечер.

– Зар сообраќајна или редовна полиција го нема приметено ова. Тоа е ненормално, возат со 200 на саат, па не може да ги види полиција, а камо ли да ги стигне – коментира Ивица Велковски.

Поплаки има и од жители на Капиштец. Велат дека некој нивни „херој“ секоја вечер, во исто време, поминува по улицата „Народен фронт“ со неговиот мотор од чии децибели им ги пара ушите.

Луѓето што возат мотори со брзина над дозволената, не само што ги прекршуваат сообраќајните правила за ограничување на брзината, туку ги нарушуваат и јавниот ред и мир со механички извори на врева.

Законското ограничување за дозволена бучава изнесува 78 децибели, а брзите возила во ноќните часови често можат да ги надминат и границите од 100 децибели, со што вознемируваат многу граѓани.

Изложеноста на бучава може да предизвика анксиозност, стрес, но да има и сериозно влијание врз крвниот притисок, како и на различни начини да го наруши психофизичкото здравје на оние што се во близината на оваа појава.

Од страна на Секторот за сообраќајни работи при БЈБ и СВР Скопје приведени се четворица од осум санкционирани моторциклисти, кои во времето од 19 часот во саботата до 3 часот наутро во неделата спровеле акциска контрола за откривање на возачи на мотори кои организираат „диви трки“ на подрачјето на Скопје.

– Од приведените, тројца мотоциклисти биле однесени во Полициската станица Карпош, а еден во Полициската станица Кисела Вода поради правење на бучавост над дозволената со нивното движење на мотоциклите и поради неносење на соодветна документација за истите – информираа од МВР.

Според Законот за заштита од бучава во животната средина, органите на државната управа, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, правните и физички лица се должни да ја спроведуваат утврдената заштита од  бучава, како и да го овозможат нејзиното спроведување.

На пример, владата на Австрија од 10 јуни годинава на омилените излетнички рути во Тирол се забранети мотоцикли што во место ослободуваат бучава над 95 децибели. Забраната важи и за туристите. За прекршување на забраната ќе се изрекува парична казна во висина од 220 евра. Советничката за сообраќај за регионот на Тирол, Ингрид Фелипе, посочува дека „оваа забрана за сообраќај поради бучава“ првпат се воведува во Австрија.

Мотоциклистите кои ги турираат своите мотори низ мирните градски населби и возачите на силните автомобили наскоро би можеле да станат минато во Париз. Во деловите на градот одлучиле да воведат нов систем на камери со „радар за врева“ кој може да идентификува гласни возила, да ја види нивната локација и автоматски да ги казни.

Според извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за загадување на животната средина во 2020 година, приближно 113 милиони Европејци се погодени од долгорочната изложеност на сообраќајот на бучава од најмалку 55 децибели.

ЕЕА проценува дека таквата изложеност на бучава предизвикува 12.000 предвремени смртни случаи во Европа секоја година и придонесува за 48.000 нови случаи на коронарна срцева болест. Според агенцијата, 22 милиони луѓе страдаат од високо ниво на хронична раздразливост, а 6,5 милиони од сериозни хронични нарушувања на спиењето. Како главен извор на бучава, агенцијата посочува на сообраќајот на улиците – автомобили, мотоцикли, камиони.

(С.Бл.)